Македонија
27. November 2020 - 12:35

Струмица: 16 дена активизам против родово базирано насилство

Струмица ги започна 16 - те дена активизам против родово базираното насилство.  Симболично, активностите започнаа  од  пред споменикот ,,Жена под маска,, од каде беше испратена пораката дека маските на насилниците треба да се симнат и со тоа се стави крај на насилството врз жените. Додека траат активностите,  споменикот ќе биде осветлен во портокалова боја   која претставува аларм за подигање на свеста за овој проблем со кој се соочува модерното општество.

Дека е потребно подигање на свеста за родово базираното насилство потврдуваат и од шелтер центарот во Струмица. За помалку од една година колку што функционира истиот  над дваесетина жени во континуитет биле згрижувани. Некои од нив по неколку денови, а некои и со месеци. Најголемиот број од случаите биле регистрирани во периодите кога беа рестриктивните мерки и ограничувањето на движењето поради пандемијата со корона вирусот.

Во рамки на 16 те дена активизам ќе бидат реализирани серија настани кои имаат единствена цел, подигање на свеста кај граѓаните за сериозноста на проблемот со родово базираното насилство. Во активностите покрај локалната самоуправа вклучени се  и повеќе граѓански организации и  волонтери. Дел од програмата ќе биде и меѓународна конференција.