Македонија
21. јуни 2018 - 16:51

Стручните средни училишта поатрактивни од гимназиите - заврши првиот уписен рок

Единаесет илјади и 700 основци успеаја да обезбедат средношколско столче по првото пријавување за упис, кое се реализираше на 18-ти и на 19-ти овој месец, покажуваат податоците на Министерството за образование и наука. Тие конкурираа за речиси 36-те илјади слободни места, предвидени со Конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта во Македонија за учебната 2018/2019 година.

Квалификационото тестирање ќе се реализира утре во средното училиште “Панче Караѓозов“ во Скопје за образовниот профил медицинска сестра на македонски наставен јазик и во средните училишта во кои се реализираат наставни планови и програми за уметничко образование. Конечните ранг листи за ова тестирање ќе бидат објавени на 25-ти јуни.

Конкурсот за запишување ученици е завршен во скопските гимназии Јосип Броз Тито - на македонски наставен јазик, во гимназијата Никола Карев, во Орце Николов, во Георги Димитров, во Раде Јовчевски Корчагин, како и во битолската гимназија Јосип Броз Тито. 

Второто пријавување и запишување на учениците ќе се врши на 28-ми јуни, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе бидат објавени наредниот ден.

За учениците од деветто одделение кои се упатени на поправни испити, испит на година, испити за побрзо напредување, се организира втор уписен рок во училиштата во кои има слободни места. Последна шанса за упис во средно училиште, основците ќе имаат на 23-ти август.