Македонија
13. May 2022 - 12:20

Стратегијата за женско претприемништво е половично имплементирана

Заради ковид пандемијата, Стратегијата за женско претприемништво е половично имплементирана, иако е донесена во 2019 година, велат од Националната платформа за женско претприемништво.

-Она што ни се случи со пандемијата, ни се случи да имаме стратегија која што досега е половично имплементирана, она што се тргна да се работи застана, и сега имаме стратегија којашто вели дека ни недостасува еден важен и значаен дел за развој на претприемништвото, а тоа е дигитализацијата. Што значи стратегијата е напишана 2019, меѓутоа треба да се преработува и доработува“, рече Валентина Дискоска, претседателка на националната платформа за женско претприемништво.

Една од стратешките точки на Стратегијата е системската поддршка за развој на женското претприемништво, која што беше замислена да биде креирана од институциите преку различни мерки, преку невладиниот и приватниот сектор.

-Она што можеме да го видиме сега е дека институциите за жал веќе не ја препознаваат потребата за јакнење на женското претприемништво и она што ни се случи е дека Министерството за економија ја укина мерката која што ги даваше средствата само за развој на жени претприемачи, така што оваа година ја немаме таа мерка. Имаме други мерки коишто се насочени за раст и развој на мали и средни компании, меѓутоа немаме мерки коишто помагаат на микро компаниите, особено не на оние коишто се самовработени во услужната дејност и коишто во текот на пандемијата имаа најголем проблем да опстојат. Она за кое што велиме стратешки поставување, креирање можност, креирање околина, за жал сега не постои“, вели Дисоска.

Национална платформа за женско претприемништво е креирана со цел подобрување на економската состојба на жените претприемачи и поддржана од ЕУ.