Свет
30. December 2016 - 14:53

Страотна сообраќајка: Седумнаесет лица повредени во превртен автобус

Седумнаесет лица се повредени во автобуска несреќа во Англија, кога ноќниот автобус од Оксфорд за Лондон, излетал од автопатот и се превртел.

Во соопштението на полицијата се вели дека несреќата се случила во 02:45 часот, по локално време, кај клучката кај Милтон комон, во областа Оксфордшир.

Во моментот на излетувањето на возилото од патот, условите за возење биле мошне тешки, затоа што патот бил влажен и лизгав, а целиот тој дел од Британија бил обвиен во густа магла.

Повредени се 16 од патниците, како и возачот на автобусот. Сите повредени имаат скршени коски по телото и исекотини од стаклото и од металните делови на возилото.

Полицијата која води истрага за несреќата ги предупредува возачите да бидат внимателни, затоа што магла и подмрзнати коловози има во западна, централа и југоисточна Англија.

Маглата која во некои делови од земјата, остана и во текот на денот, предизвикува и проблеми во авионскиот сообраќај, особено на двата најголеми лондонски и британски аеродроми- Хитроу и Гетвик.

Несреќата со превртениот автобус, доаѓа само два дена по големиот верижен судар на патт во истата англиска област.

Една жена го загуби животот, а десетици други беа повредени во судар во кој учествуваа 20 возила.