Македонија
15. April 2019 - 10:42

Страдањето на душата, проблем што бара решение

Грижата за душата и менталното здравје треба постојано да биде дел од секојдневното живеење на секој човек. Модерното живеење и се поголемата социјална отуѓеност придонесуваат се поголем број луѓе да не сакаат да зборуваат за своите проблеми, ниту со семејството, ниту со пријателите, ниту со стручни лица, и одлучуваат да живеат во таканаречен затворен круг соочувајќи се самостојно со нив и барајќи излез по трнливиот пат во напорите за нивно решавање. Дел од нив, веројатно премногу изморени од неможноста да се справат со своето долготрајно проблемско, па и душевно страдање, свесно или несвесно се предаваат на состојбата која „загосподарила“ во нивната душа, и за жал, посегнуваат по својот живот.

Според податоците на Министерството за внатрешни работи, минатата година во државава бил регистриран пораст на бројот на самоубиства, во однос на 2017 година. Во текот на минатата година биле извршени 121 самоубиство, од кои 29 во Скопје, 20 во Штип, 18 во Струмица, 16 во Битола, 14 во Куманово и по осум во Велес, Охрид и Тетово, додека во 2017 година биле регистрирани 103 самоубиства. Во 2016 година, пак, биле извршени 136 самоубиства и 177 обиди за самоубиства.

Претседателот на Комората на психолози, Мирјана Јовановска Стојановска вели дека многу често во државава има информации за самоубиства и тоа создава впечаток дека е зголемен нивниот број.

-Ставот што сум го добила од знаење, теорија и практика е дека „самоубиството е трајно решение на привремен проблем“. Значи,  тоа е нешто што личноста го бира како решение за некој долготраен проблем кој ја мачи. Обидот за извршување самоубиство или извршување на самото самоубиство покажува длабоко душевно страдање на личноста, за да дојде до едно такво решение да го заврши страдањето. Значи, тие луѓе навистина длабоко страдаат, посочи Јовановска Стојановска.

Според неа, во најголем број случаи причината е депресија, но постојат и други фактори, како што се трауми, пострауматски стрес, различни органски болести, при што се менува начинот на доживување на околината, на себеси…

Во врска со тоа дали социјалното отуѓување на луѓето едни од други е една од причините, тие да се затвораат во себе, да не разговараат дури ни со најблиски пријатели, па дури ни со психолози, психијатри и се одлучуваат да извршат самоубиство, таа потенцира дека најверојатно во ова модерно живеење таа социјална отуѓеност придонесува да се зголеми бројот на самоубиства, затоа што голем дел од луѓето се чувствуваат изолирани, осамени, напуштени, неприфатени.

– Семејството игра важна улога во тоа како личноста функционира. Во ова модерно општество, семејството ја губи својата функција, улога, изгледот, начинот на функционирање и со тоа придонесува луѓето  да се чувствуваат осамени, но и отуѓени. И покрај тоа што ние уште сме конзервативна земја, Западот со големи чекори влегува кај нас и се менуваат начините на живеење, размислување, функционирањето семејството, начините на кои го гледаме светот, како светот го гледа поединецот… Значи дека модерното време, како и транзицијата низ која толку долго поминуваме и се уште трае може да биде добра причина луѓето да дојдат во ситуација на едно душевно патење и да не можат да најдат соодветни механизми, вештини, начини за да разрешат одредени ситуации во животот. Тие не можат да најдат внатрешни механизми и да се справат со емоциите, и останувајќи долго време во таквата состојба не можат да преземат решенија и одлучуваат да го завршат својот живот, вели Јовановска Стојановска.

Таа советува луѓето кои имаат потешкотии уште во првите моменти кога ќе почувствуваат дека не им е добро, да побараат помош, да не чекаат да се развие депресијата, да се развијат состојби на стравови, на безнадежност…Значи, истакна таа, ние не мора да живееме со душевни маки, тоа е прво, за се има решение.

-Кога тие луѓе ќе видат дека со нив нешто се случува, кога ќе видат дека нешто им се случило во животот и тие не можат да го преболат, не можат да го разрешат и не можат да најдат излез од тоа, нека побараат да поразговараат со некого. Најдобро би било да разговараат со најдобриот пријател, ако не можат со него, тогаш со некое медицинско лице, нека побараат совет од матичниот лекар, не мора да му ја раскажат историјата, може да кажат дека не се чувствуваат добро, дека имаат имааат негативни емоции и да го прашаат каде треба да се обратат. Матичниот лекар ќе најде начин, некаде да ги упати, нагласи Јовановска Стојановска.

Според неа, дури и одењето во верски објект – црква, џамија, каде може да разговараат со некое верско лице, исто така е дел од опциите тие да раскажат за тоа што го носат во душата. Битно е со некого да зборуваат, вели таа, бидејќи, како што потенцира, колку и да изгледа нешто тешко, кога се зборува е многу подобро отколку да се крие длабоко внатре во душата и поради тоа што никогаш не се кажувала таа тешкотија, таа никогаш не излегла од нив, а тоа всушност ги наведува луѓето на такви драстични одлуки.

Најдоброто решение, како што нагласи, е да се разговара со психолог, психотерапевт, психијатар, значи некој што ќе може стручно и неутрално да го сослуша човекот, некој што е обучен за таа работа, да разговара со луѓето, да им помогне да си го решат проблемот, бидејќи самото барање помош е да излезеш од кругот во кој постојано се вртиш.

-Тоа е првиот чекор, а вториот се луѓето во блиската околина. Неопходно е ние меѓу себе да се гледаме, да бидеме поповрзани, малку повеќе емпатични едни со други. Ако кај пријателите, роднините, кај луѓето со кои живееме, кои ги сакаме, забележиме промени во однесувањето, кое значи повлекување, несоница, нерасположеност, неволност, неучество во забави, седенки, еден израз на лицето што покажува здодевност или неволност, ако има искази дека „сето ова нема смисла, зошто ми е вака“…, а некогаш и нема такви искази, само има промени во однесувањето, би требало да се заинтересираме што се случува со тој човек, со тоа дете околу нас, да му помогнеме, да се понудиме како некој кој ќе разговара со него или, пак, заедно со неговите роднини, со неговите пријатели, со него да најдеме начин. Значи, не треба да чекаме и да гледаме како тој човек почнува да пропаѓа, туку ако забележиме промени во однесувањето, веднаш треба да се разговара со него, и ако треба да се однесе на психолог, психотерапевт, истакна Јовановска Стојановска.

Таа вели дека превентивно одиме на забар да исчистиме каменец, превентивно правиме мамографии и одиме на други превентивни прегледи, а не преземаме ништо превентивно кога станува збор за грижата за душата, за тоа што е болно внатре.

-Грижата за душата треба да биде заедно со сите други грижи. Треба еднакво да се грижиме и за здравото тело и за здравата душа. Тоа да биде паралелно, бидејќи нема нешто што е поважно. Така што, тоа е едно двојство што не може да се раздвои и мораме да водиме сметка за тоа. Ако нѐ боли главата ден – два, одиме по лекари, веднаш се интересираме што е проблемот. Зошто не бараме помош кога имаме тежина во душата, стравови, кога постојано сме вознемирени, односно гледаме промени кај себеси и ништо не не интересира? Треба веднаш да се побара стручна помош. Значи, важна е грижата за менталното здравје уште од најрана возраст, децата да пораснат со сознанието дека таа е дел од нивното секојдневно живеење, исто како што се важни часовите по фискултура, спортувањето, начинот на исхрана, така треба да се внимава на сопствените емоции, додаде психологот Јовановска Стојановска.

Директорот на Универзитетската клиника за психијатрија, д-р Стојан Бајрактаров смета дека во последните години се зголемуваат обидите за самоубиства кај помладата популација, но нема нема голема осцилација или драматично зголемување на бројот на самоубиства. Според податоците на Светската здравствена организација, во државава има ниска стапка на самоубиства, во однос на другите земји, а во земјите во регионот највисока стапка на самоубиства и сега и порано имала Словенија.

Една од водечките причини за самоубиство, посочи, е и депресијата, но таа не е единствена причина и многу други состојби може да бидат причина за самоубиство.

– Тоа е посебна наука во психологијата која се занимава со тоа, многу се дискутира и пишува за тоа. Во државава имаме развиено добра мрежа на психолошки и на психијатриски институти. Значи, имаме институции и за ментално здравје, имаме развиена мрежа на примарна здравствена заштита, која е по сите стандарди и препораки на СЗО. Психолошката здравствена заштита е првата брана која треба да спознава такви состојби. Инаку, ние во последните години и како психијатри сме вршеле многу едукации на докторите од примарната здравствена заштита и сметаме дека тие се многу подготвени да одговорат на предизвикот, вели д-р Бајрактаров.

Според него, не може сите самоубиства да се спречат, меѓутоа, треба и понатаму континуирано да се работи на едукации во примарна здравствена заштита и постојана едукација на интернистичките служби. Сите заедно, посочи, треба да работиме и на надминување на предрасудите кои ги имаме, па и на срамот кој е поврзан со барањето помош или јавувањето кај психолог или психијатар.

– Луѓето не треба да живеат во „затворен круг“. Сите треба отворено да разговараат, да немаат предрасуди. Родителите треба да им  кажуваат на децата од најмала возраст да се искажуваат, да бараат помош ако им е потребна, да не ги кријат проблемите. Затоа постојат и детски психолози и школски психолози. Уште од најрана возраст треба да ги едуцираме децата да размислуваат на тој начин, дека не е ништо драматично или страшно ако се побара помош. Напротив, треба да ги едуцираме и децата и возрасните на кои им треба помош и да им подадеме рака на тие што се во криза. Никој од нас „не е вакциниран“ од таква состојба. За тоа постои хуманост, да им помагаме на луѓето, да им понудиме помош, додаде д-р Бајрактаров.

Рената Пепељугоска/МИА