Бизнис
20. April 2016 - 19:40

Стопанството го чека крајот на политичката криза

Стопанството го чека крајот на политичката криза, со ваква порака македонско – германското  стопанскоздружение ја објави најновата анкета на компаниите членки.

По позитивното придивижување изразено во ланската анкета, оваа година компаниите се воздржани околу економските состојби. Само 10 проценти очекуваат подобрување, а половина влошување.

Но, за здружението е важно што и покрај политичката непредвидливост компаниите позитивно се изјасниле за соптвената деловна состојба и најголем дел од нив одново би инвестирале во Македонија.

- Да се надеваме дека политичарите еден ден ќе разберат дека капиталот е како плашлива срна. Но, во моментов добрата вест е што не е дојдено до тој степен. Очигледно е дека на компаните кои дошле тука одредени услови кои ги очекувале им се исполниле. Гледаме од анкетата дека 75% од нив повторно би инвестирале во земјава и тоа е податокот кој што сакам да остане денес, изјави Мартин Кнап, член на УО на Македонско – германско стопанско здружение.

Анкетата детектира слабости во правната сигурност, политичката и социјалната стабилност, а добри оценки се дадени за висината на даноците, трошоците за придонеси, квалификациите на работната сила и квалитетот на добавувачите.

Анкетата се спроведува во  повеќе земји од Средна и Источна Европа. Меѓу 20 земји Македонија се најде на 11 позиција.

Во земјава работат над 200 компании со германски капитал кои вработуваат околу 15 илјади луѓе. Македонија е меѓу ретките земји во светот кои остваруваат суфицит во трговијата со Германија, со извоз од близу 1,8 милијарди евра што е двојно повеќе од увозот.