Македонија
4. July 2016 - 13:52

Стопанска комора: Да се зголеми контролата на човек агенциите кои нудат сомнителни тури

Инспекциските служби да поведат сметка за т.н. човек-агенции кои нудат сомнителни тури и услуги во туристичките центри, посебно во Охрид, Струга и Скопје. Со тоа, не само што создаваат нелојална конкуренција, туку и го рушат имиџот на дестинацијата.

Оваа го истакнаа денеска на прес-конференција претставниците на Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора на Македонија.

Туристичките работници бараат и да се инвестира во автопатот Гостивар – Кичево, како и да се подобри инфраструктурата на патот Гостивар – Дебар преку Маврово со цел зголемување на планинскиот, бањскиот и еко туризмот.

Неопходно е, како што рекоа, и подобро поврзување со Албанија преку Дебар и излез на море преку Драч.

Според нив, слабост во туристичката сфера и натаму е многу ниското ниво на хигиена по патиштата, рестораните и бензинските пумпи каде најчесто застануваат патниците кои транзитираат, а нема и доволно квалификуван работен кадар, односно водичи со познавање на повеќе странски јазици.

- Добрата туристичка понуда треба да биде предизвик за поквалитетни услуги во угостителството и туризмот не само од страна на туристичките работници, туку и од деловниот амбиент во кој функционира дејноста, а тоа значи да се елиминираат одредени слабости по што и резултатите би биле уште подобри, истакна Асим Меџедовиќ, член на Здружението.

Тој смета дека проблемот со „човек-агенциите“ кои нападно нудат тури и екскурзии, чекајќи туристи по плоштадите и пред хотелите, може да се надмине со заедничка координирана проверка на инспекциските служби на терен и истовремено делување на Министерството за внатрешни работи.

- Хигиената останува клучен проблем во македонскиот туризам. Мора да се подигне свеста и кај туристичките работници, но и кај населението генерално зашто сликата на секој турист кој патува од едно место на друго низ Македонија, е исклучително грда, подвлече заменик-претседателот на Здружението, Славе Сирачевски.

Меџедовиќ и Сирачевски информираа дека и годинава најбројни се туристите од Турција, Србија, Бугарија, Грција и Албанија иако земјава ја посетуваат гости од преку 60 дестинации. По потпишувањето на трите нови годишни договори во Амстердам со агенции од Холандија, во наредниот период во Охрид и Струга се очекуваат дополнителни 25.000 туристи.

Воспоставените чартер-летови меѓу Македонија и бројни земји од Европа, дополнително ја зголемува потребата од подобрување на условите во туризмот, заклучија Сирачевски и Меџедовиќ.

Статистиката вели дека од јануари до април годинава во Македонија престојувале 172.684 туристи што е за 14,4 отсто повеќе од истиот период лани. Од нив, најголемиот број го посетиле Скопје. Езерскиот туризам е на второ место, но по претстојниот летен период се очекува сликата да биде поинаква.

Македонските туристи, пак, годинава најмногу одат во Турција, Грција, Албанија, Бугарија, Црна Гора и Хрватска. Се бараат и ексклузивните дестинации како Малдиви, Бали, Тајланд, Куба, Доминиканската Република,..., но многу малку.

Според евиденцијата на тур-операторите, и натаму најатрактивна е Анталија, зашто со чартер-лет се стигнува за само 1 час и 45 минути, а услугата и хотелите се врвни.