Македонија
3. September 2019 - 10:45

Стипендии за пет студенти по медицина од Општина Гевгелија

Во студиската 2019/20 година општина Гевгелија ќе стипендира пет талентирани студенти по медицина од општината кои се запишале на медицинските факултети во земјава, одлучи Советот на последната седница.

-Висината на стипендијата ќе изнесува 6.000 денари месечно, средства кои ќе бидат издвоени од посебна буџетска ставка, а начинот на доделување ќе се изврши по пат на јавен конкурс што ќе го распише Комисијата за образование, култура и спорт, рекоа од општината.

Преку оваа мерка за стимулирање на студенти по медицина, општината сака да даде придонес во решавање на проблемот со недостаток на доктори во Општата болница во Гевгелија која е принудена да ангажира медицински кадар од други центри во земјава за кој установата плаќа големи финансиски средства за дневници и одвоен живот, беше посочено во образложението за донесување на одлуката.

На разгледување и усвојување,предлог одлуката ја достави советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, а едногласно беше подржана од сите советници на Општина Гевгелија.