Македонија
3. October 2019 - 17:58

Стерјовски побара враќање на одземените правата на Македонците во Албанија кои ги имале до 1949 година

 Пратеникот од единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски, на продолжението на пленарната седница на албанскиот Парламент, побара враќање на правата на Македонците кои ги имале до 1949 година и достојна почит и за партизаните Македонци во Албанија.

Во неговата дискусија пред пратениците околу Предлог-законот за дополнување на Законот на Советот на министри од 17 ноември 1994 година, со кој 20 јули се определува за Ден на ветераните на антифашистичката народно-ослободителна војна на албанскиот народ, тој посочи дека во ослободителната војна активно учествувале и ги положиле своите животи голем број Македонци.

-Горд сум како Македонец, затоа што Македонците во Втората светска војна се вклучија во Антифашистичката народно-ослободителна војна на Албанија. Македонците заедно со албанските партизани го поразија фашизмот во Албанија. Врз основа на пожртвуваноста на македонските партизани во антифашистичката војна во Албанија во Втората светска војна, во 1945 година Македонците беа признати како национално малцинство во Мала Преспа и селото Врбник во Деволската област во округот Корча и во областа Голо Брдо во округот Пешкопеа, рече Стерјовски.

Додаде дека во овие области, Македонците во Албанија го стекнале правото на образование на својот мајчин македонски јазик, а за Македонците во Албанија се овозможи развој на македонската култура и традиција.

-За жал, во областа Голо Брдо училиштата на македонски јазик беа дозволени до 1949 година, а во областа Мала Преспа и селото Врбник во Деволската област, училиштата на македонски јазик не беа затворени. Ни останува нам, новата генерација Македонци во Република Албанија, да се бориме за унапредување на нашите права и слободи и очекувам ова Собранието тоа да го поддржи, порача Стерјовски.

Според него 75-годишнината од ослободувањето на Албанија е вистински повод за вреднување на жртвите во војната и придонесот на ветераните за ослободување на земјата од фашистите, вбројувајќи се заедно со најпрогресивните сили во тоа време и на вистинската страна на историјата.

Посочи дека е должност на државните институции, централните и локалните, како и организациите на ветераните и граѓански организации, да ги зачуваат основните придобивки од борбата за слобода, да ја зачуваат традицијата на Антифашистичката народноослободителна војна и да организираат разни активности во чест на ветераните од војната