Македонија
2. јуни 2020 - 19:29

Стефанија Гаштарска со 18 години стана прва Македонка дел од тимот на „Бољшој“ театарот во Москва

На 18 години балерината Стефанија Гаштарска е првата Македонка која стана дел од ансамблот на рускиот „Болшој“ театар во Москва. Доколку ситуацијата се стабилизира, веќе од следниот месец ќе се пресели таму.

Средното образование го завршила во Русија, една година поминала во Перм, а три токму на академијата „Болшој“. Трите години во академијата ги поминала во руски клас и заедно со уште една Италијанка биле единствените странци. Вели дека на само 18 години го живее сонот, но нејзините амбиции не запираат тука.

-Чувството е навистина прекрасно. Уште од малечка јас имав зацртано „Болшој“, театар „Болшој, академија „Болшој“, - дека сакам таму да учам и да работам. Јас сум човек што сонува на големо, јас не сонував само да бидам балерина, туку сонував да бидам Прима-балерина во „Болшој“ театар, вели Гаштарска.

Влезот во академијата бил сосема случаен. Била на натпревар во Перм каде под водство на професорката Елизавета Кушевска, а во класата на Дафина Даниловска ги поминала сите три круга. По натпреварот ја повикале една година да учи во Перм. Откако ја завршила годината добила и покана за аудиција во Москва каде успеала да ги воодушеви најдобрите светски професори по балет.

Стефанија уште од мала бележи големи меѓународни успеси, а освен во Европа, досега настапувала и во Соединетите Американски Држави.

-Прво мора да кажам, натпреварот во Перм, тоа е број 1. Потоа турнејата во Атина, Грција, каде бевме со Академијата – со целото училиште. Во Атина танцувавме „Оревокршачка“ и јас ја играв главната партија во таа претстава. И можам да кажам, исто така, гала концертот „Калининград“ концерт на „Болшој“ театар каде ме поканија да учествувам со мојот партнер од училиштето и бевме единствени студенти кои учествуваа на таа гала со сите најпознати ѕвезди од „Болшој“ театар, вели Гаштарска.

Со работа треба да почне од септември, а вели дека не размислува за продолжување со образованието, туку ќе се фокусира на театарот и играњето.