Статистика ќе добие лаптопи вредни 3.2 милиони евра, за децата од социјално ранливи семејства засега нема пари за таблети
Додека 40.000 ученици немаат компјутери за да ја следат онлајн наставата, Владата за Државниот завод за статистика купува близу 6.000 нови лаптопи за кои ќе платиме 3,2 милиони евра. Компјутерите, Статистика ќе ги користи за пописот кој Премиерот вели, што и да се случи ќе се одржи во април идната година.
Останува нејасно зошто пописот кој според пресметките ќе не чини близу 10 милиони евра се става како приоритет пред образовниот процес. На помалку од една недела пред стартот на учебната година и надлежните и синдикатот признаваат дека се уште има бројни предизвици. Недостатокот на компјутери и стабилни конекции во училиштата и домовите на децата е најголемиот меѓу нив, но сепак, набавката на лаптопи и тоа од последната генерација, за Владата остана приоритет. Ние пресметавме. Со 3,2 милиони евра може да се купат над 20 илјади таблети со перформанси кои ги задоволуваат барањата на националната платформа за образование и тоа по пазарна цена која ќе ја најдете во продавниците. За набавка на големо, цената веројатно ќе се преполови со што ќе се задоволат потребите на сите 40.000 ученици од загрозени семејства и дополнително ќе останат пари за да се инвестира во училиштата и да се обезбеди интернет конекција до секоја училница. Премиерот објаснува, и овие компјутери кои сега ги набавивме повторно ќе завршат во образованието.
Од кабинетот на Министерката Царовска за Сител велат дека на подарок од Статистика ќе добијат само 200 компјутери и истите ќе се распределат согласно реалните потреби на училиштата.
Македонија до сега неколку пати го одложуваше пописот а причините за тоа никогаш не беа пандемија од светски размери.
-
Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар