Бизнис
8. February 2020 - 16:42

Стартуваше ски сезоната на Нижеполе

Битолчани со задоволство го дочекаа првиот снег оваа зимска сезона за да можат да уживаат во скијањето.

Ски-центарот „Нижеполе“ веднаш започна со подготовка на ски-патеката за да можат љубителите на скијањето викендот да го поминат токму тука.

На ски-лифтот се чекаше ред, останатите уживаа во зимското сонце. Полна беше и чајџилницата. Од најмали па до највозрасни, секој уживаше во снежната идила.

-Прв пат скијам оваа година, откако падна снегот, едвај чекавме со другарите да дојдеме и да скијаме.

-Кога ќе има снег скоро секогаш доаѓам, многу е долга редицата за двата ски-лифта.

-Често доаѓаме кога има снег, уживаме на чист воздух.

-За сите има забава, за сите има место, велат посетителите.

Од ЈП „Стрежево“ кое стопанисува со ски-центарот се задовлни од големата посетеност. Вчера и денес овозможија промотивно скијање.

-Се со цел поголема посетеност од една страна, но од друга страна да можат граѓаните од Битола и околината да дојдат и да дишат чист воздух. Заврна околу 60 см снег, се надеваме дека со добро одржување на патеката ќе имаме подолга сезона, за искористување на овие терени. Гужвата е голема, но со оглед дека ова е почеток на сезоната, максимално сме подготвени со човечки фактор, технички, двата ски-лифта работат, граѓаните добро се опслужени и мислам дека ќе одговориме на предизвикот да бидат задоволни посетителите, изјави Методија Граматковски, директор на ЈП Стрежево.

Ноќното скијање е вистинска атракција, а скијачите синоќа не ја пропуштија приликата да уживаат и скијаат во вечерните часови на ски-патеките во Нижеполе.

-Паднаа 60-70 сантимери снег, патеката е многу добро подготвена, два-три дена работевме во доцните вечерни часови, на ноќното скијање се гледа што значи народ, вчера имавме скоро 1000 возила, рече Горан Марковски, одговорен за ски центарот Нижеполе.

Заради временските неприлики и климатските промени, ЈП „Стрежево“ нарачаа физибилити студија која ќе покаже во кој дел може да се изгради опрема за вештачки снег. Токму таа опрема ќе биде добредојдена за зимите како оваа.