Бизнис
15. November 2021 - 16:42

Стартуваше комисиската расправа за Буџетот

Власта и опозицијата ги соочија аргументите за Буџетот за догодина. За власта тоа е развоен Буџет, со највисоко ниво на капитални инвестиции досега. За опозицијата тоа е буџет во кој се предвидени пари за нов мебел и автомобили, но не и за ублажување на последиците од енергетската криза со која се соочуваат и стопанството и граѓаните кои тонат во се подлабока сиромаштија.

Министерот вели дека Буџетот за догодина има четири цели, а првата е продолжување на грижата за заштита на здравјето, потоа за забрзување на економскиот раст, зголемување на инвестициите и непречено финансирање на основните функции на државата. Во овој дел предвидена и сума за заштита од енергетскиот ценовен шок.

На Буџетот поднесени се над 220 амандмани, меѓу нив има и такви кои се однесуваат на енергетската криза и ценовниот шок. Буџетот за догодина тежи 4,4 милијарди евра. Тоа се парите кои државата планира да ги потроши, ќе собере 3,9 милијарди. Дупката од 545 милиони евра ќе се полни со задолжување дома и надвор. Според плановите, Буџетот за 2022 треба да биде донесен на почетокот на декември.