Старото ветување за реконструкција на студентските домови останува за следната година
Старото ветување за реконструкција на студентските домови, останува ветување сега за во новата година. Реновирањето, промена на водоводот, греење, поставување фотоволтаици во домовите требаше да започне уште пред 9 месеци.
Сепак студентите Новата година ќе ја дочекаат со старите услови- испукани фасади, скршени прозорци но и лоша хигиена и услови во дел од домовите, но и надеж дека идната ќе ја дочекаат со оствареното ветување од Владата и МОН.
Двете институции денеска потпишаа договор за реконструкција на студентските домови, кој ќе започне најпрвин со Кузман Јосифорски Питу и Стив Наумов во Скопје, а предвидено е да заврши за година и половина.
Реконструирани и енергетски ефикасни домови се најавуваа уште во 2019 година од тогашниот министер за образование Арбер Адеми, а предвидено беше тие да бидат готови до 2024 година.
Сегашниот министер Јетон Шаќири пак, кон крајот на 2022 година најави дека реконструкцијата ќе започне во март оваа година.
Но студентските домови останаа недопрени, со старите фасади, изглед и услови со надеж дека во 2024 година ќе ја видат светлината на денот.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар