Македонија
11. January 2021 - 12:43

Стабилизирана состојбата со реката Драгор во Битола

Опасноста е помината, состојбата е нормализирана, а пумпната станица кај Довлеџик е безбедна после вчерашната надојдена вода на реката Драгор во Битола. Ситуацијата вчера беше алармантна и постоеше ризик по водоснабдувањето на четири општини. Нормализирани се и изворите на Водовод, водата од изворите е бистра, а водата за пиење е технички исправна.

-Се што беше во наша сила да превенираме времено е направено, ја следиме будно ситуацијата.

Ќе се консултираме со луѓе кои работат со метеорологија, гледаме на ин тернет какво ќе биде времето. Ќе импровизираме до првата можност, да помине оваа сеозна и напролет потпорниот ѕид да се продолжи надолу, пумпната станица да биде безбедна и да немаме повеќе никогаш вакви проблеми, изјави Горан Козаров, директор на Водовод.

Акумулацијата Стрежево пак има капацитет да ги прими водите од сливното подрачје. Во последните 24 часа во близина на Стрежевското езеро наврнати се повеќе од 50 литри дожд на метар квадратен.

-Алиментациониот канал е димензиониран на 5 метри кубици во секунда, додека реката Шемница има поголем доток. Во моментот имаме 15-20 метри кубни вода кои се слеваат во акумулацијата, за 24 часа можам да кажам дека во акумулацијата се слеваат од 1 милион до два милиони кубни вода. Во моментот има 50 милиони метри кубни вода, вели Менде Граматковски, директор на Стрежево.

Овие врнежи се добредојдени за земјоделието.

-Голем период беше суша, особено во есенскиот и зимскиот период, особено добредојдено за есенските култури, особено за пченицата. Последниот период сушата влијаеше врз пченицата, особено на листовите кои почнаа да добиваат жолта боја, изјави Љупчо Китановски, агроном.

Во текот на вчерашниот ден беа исчистени затнатите решетки кои беа со наноси на лисја и дрвја, за да може цела вода да влезе во акумулацијата се со цел да не дојде до поплавување на Пелагонија.