Бизнис
25. November 2019 - 18:53

ССМ: Законот за работни односи да ги содржи европските и светски тенденции

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) смета дека новиот закон за работни односи треба да ги содржи европските и светски тенденции во работно-правните односи, истакна претседателот на ССМ Дарко Димовски на денешниот работен состанок со претседателот на државата Стево Пендаровски, кој имаше средба со претставниците на овој синдикат.

– Во таа насока се залагаме за договори за вработување на определено време само во исклучителни услови со траење од една година. Првата точка е навистина неопходна, затоа што навистина се стремиме овие членови да ги вметнеме во новиот општ колективен договор; гарантирано отсуство во траење од 12 месеци, доследно почитување на правото за унапредување, на платата, со закон, односно колективен договор, целосно остварување на правото за годишен одмор, почитување на конвенцијата за слобода на синдикалното организирање и функционирање, унапредување на колективното договарање и социјалниот дијалог на сите нивоа затоа што не може да се одлучува за нашите права без нас работниците, посочи Димовски на работниот состанок со претседателот Пендаровски, кој беше во посета на ССМ.

ССМ, како што посочи Димовски, предлага заедничко и на рамноправна основа учество на сите социјални партнери во организирањето на економскиот и општествениот развој по пат на социјален дијалог и преговарање.

– Со стратегиите, политиките и одлуките кои заеднички ќе ги донесеме, одговорноста на сите ќе биде поголема, а отчетноста задолжителна. Оттука бараме од вас како претседател да водите грижа за сите граѓани, а особено за работниците и за нивните работнички права и да не дозволиме да се носат штетни закони кои директно ќе придонесат кон влошување на социјално економската положба на нас работниците. Потсетуваме дека силата на синдикатите и нивната бројност, обученост, оспособеност е во нивната солидарност, поддршка за заедничко делување, рече Димовски.

Пендаровски нагласи дека успешната економија и развојот на Македонија се тесно поврзани со регулацијата на работните односи и цврстата и одржлива работно-правна рамка за работниците, додавајќи дека токму Сојузот на синдикати е партнерот на Владата за донесувањето на новиот закон за работни односи и им честиташе што успеале да се изборат дваесетина нивни предлози да бидат прифатени.

– Мислам дека конечно ние како држава сме доволно зрели и подготвени и легислативно и во пракса да овозможиме европски стандарди кога се работи за првата на работниците. И покрај високата стапка на невработеност, сведоци сме дека на пазарот на трудот има недостаток од работна рака во некои професии и занимања, кои се дефицитарни и ние мораме да ги заштитиме нашите работници и да им понудиме оптимални услови за да останат во својата татковина, наместо да одат на работа во странство, рече Пендаровски.

Вели дека мора максимално да се инвестира во човечкиот капитал, додавајќи дека е потребно апсолутно функционирање на законските решенија во пракса, односно нивна доследна имплементација.