Бизнис
18. April 2017 - 20:03

ССМ: Во пораст пријавите на работниците за неисплатени плати

Политичката криза удри и по примањата на вработените. ССМ алармира дека има значително зголемување на бројот на пријави од работници на кои што им доцни исплатата на платите. Се доцни и со уплатата на придонесите за здравствено и пензиско  осигурување. Иако статистика покажува дека бројот на работници кои не примаат плата се движи во вообичаените граници од 1,3 до 1,6 % од вкупно вработените, од ССМ велат дека бројот на пријави од почетокот на годината расте. Причината ја гледаат во политичките случувања кои влијаат и на стопанствениците.

Според податоците од УЈП минатиот месец 13 560  компании доцнеле со исплатата на плата во законскиот рок. Обврската навремено ја исполниле речиси 38 900 фирми.

Според Законот секоја фирма има обврска да исплати плата до 15ти во месецот за претходниот месец. За секој ден задоцнување УЈП наплаќа казнена камата од 0,03 %.

Ако доцнењето е подолго од 15 дена фирмата ќе плати глоба од 2500 до 3500 евра, а одговорното лице 30 отсто од изречената казна на компанијата.