Македонија
10. November 2017 - 11:00

ССМ утре избира нов претседател

Сојузот на синдикати на Македонија утре на вонреден конгрес во Охрид треба да го избере новиот претседател.

Сегашниот в.д. претседател Дарко Димовски е единствениот кандидат за иден лидер на ССМ. Одлуката, Димовски да биде кандидат за претседател на ССМ, претходно помина на седници на Советот и на Претседателството на ССМ.  

Покрај Димовски, кандидатури за синдикален лидер поднесоа и претседателот на УПОЗ, Пецо Грујовски и претседателот на Македонскиот полициски синдикат Ацо Антовски. Нивните кандидатури не поминаа на седницата на Претседателството на ССМ, според кое, тие не ги исполниле условите за кандидатура. 

Претседателот на УПОЗ, Грујовски тврди дека ги исполнува условите и истакнува дека има поддршка од шест, а не од пет гранкови синдикати. 

Неизвесно е дали синдикатите што го поддржуваат Грујовски ќе присуствуваат на конгресот. 

Од друга страна, како што неодамна објави МИА, претседателот на Европската конфедерација на синдикати Лука Висентини во писмо испратено до ССМ, вели дека постапката за избор на иден лидер на ССМ не ги следи демократските правила, бидејќи доведува до елиминирање на потенцијалните кандидати за функцијата. 

Поради тоа, Висентини ја одбил поканата на ССМ да учествува на конгресот.