Бизнис
11. јуни 2020 - 11:31

ССМ: Субвенционирање на плати и во јуни, исплатата директно на сметка на работниците

Сојузот на синдикати информира дека по нивната реакција за неисплаќање на плати на работници од страна на сопственици на фирми кои добиле државна помош за минималец, УЈП дала одоговор дека состојбата се анализира, а за злоупотреби ќе се преземат мерки.

„По укажувањето на ССМ за појави во одредени компании кога работодавачите иако добиле субвенции од државата во висина од 14.500 денари по работник за исплата на платата, на работниците им исплаќаат понизок износ на плата од она кое што го добиле како помош, а има и такви компании кои иако земале државна помош воопшто не исплатиле плати на работниците, Управата за јавни приходи информираше дека е во постапка на вршење на анализа на компаниите на кои им е исплатена финансиска поддршка и на податоците за пресметани и исплатени плати од нивна страна. За компаниите каде ќе бидат утврдени неправилности, Управата за јавни приходи по службена должност ќе ги достави податоците до Државниот инспекторат за труд и заеднички и координирано ќе постапува“, се вели во соопштението од ССМ.

Од Синдикатот наведуваат дека УЈП веќе стигнале претставки за непочитување на оваа мерка и потсетуваат дека: Согласно член 6 од Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите погодени од ковид кризата заради исплата на платите за месеците април и мај 2020 година, работодавачот кој користел финансиска поддршка за исплата на плати има обврска да ги врати добиените финансиски средства во целост, заедно со камата согласно со Законот за даночната постапка, доколку по извршена контрола од страна на Управата за јавни приходи и/или Државниот инспекторат за труд се утврди дека работодавачот не ги исполнил условите од членот 3 став (5), членот 4 и ставот (2) на овој член од оваа уредба со законска сила.

Поради вакви случаи, Синдикатот бара субвенциите за платите да одат дирекно на сметка кај работниците.

„Поттикнати од недостатоците и злоупотребите кои излегоа на виделина во изминатиот период и по пријавите дека на работниците им исплаќаат понизок износ на плата од она кое што го добиле како помош, а некој воопшто не исплатиле плати на работниците, за да се избегнат злоупотребите од страна на Работодавачите при исплата на платата од средствата добиени како финансиска поддршка од Државата, ССМ бара мерката да се продолжи но субвенциите за јунската плата да се исплаќаат директно на сметките на работниците.“, стои во соопштението.