Бизнис
2. July 2022 - 16:38

ССМ на улица, пратениците го одбија амандманот

Вака Сојузот на синдикати го искажа револтот откако по втор пат пратениците од владејачкото мнозинство го отфрлија амандманот со кој со ребалансот на буџетот требаше да се обезбедат пари за линеарно покачување на платите во јавниот сектор согласно растот на минималецот. Генералниот штрајк во јавниот сектор, велат, ќе продолжи сè до исполнување на нивните барања.

Столчињата што ССМ ги постави пред Собранието не го променија ставот на пратениците од владејачкото мнозинство. На последниот ден од комисиската расправа за ребалансот седуммина пратеници гласаа за, исто толку беа против и еден пратеник беше воздржан, со што амандманот не беше усвоен.

Заменик министерот за финансии образложи дека амандманот не се прифаќа бидејќи треба да се најде системско решение за моделот на покачување на платите во јавниот сектор.

Пратениците не го изгласаа ниту амандманот од Конфедерацијата на слободни синдикати, со кој на вработените во приватниот сектор, кои земаат најниски плати, требаше да се обезбеди финансиска поддршка за надминување на кризата и големата инфлација. Тие кои работат за плата од 18 до 21 илјада беше предложено да добиваат три месеци по 3.000 денари, а тие со плати од 21 до 24 илјади денари, 3 месеци да добиваат државна помош од 2.000 денари.