Македонија
9. јуни 2023 - 16:31

Средношколците заминаа на распуст по учебната година која ја одбележаа лажните бомби

Последно ѕвонче за средношколците во оваа учебна година. Учениците во една од најдобрите скопски гимназии „Орце Николов“ заминуваат на тримесечен распуст задоволни од постигнатиот успех.

Но годинава помина со еден куп лажни дојави за бомби. Средношколците постојано губеа часови, а единствено решение беше онлајн настава и тоа само еден час по самата дојава. Оние кои живеат далеку од училиштата мака мачеа за да стигнат на време за да не пропуштат часови. 

Во училишните двор недостасуваа матурантите кои се подготуваат за полагање на матурата.

15.620 матуранти утре ќе го полагаат вториот екстерен испит. На избор имаат седум предмети, и тоа математика, филозофија, естетика, англиски, француски, германски или руски јазик. 

Матурантите годинава добија олеснета матура, на барање средношколските организации поради пандемијата, но и лажните дојави за бомби.

Средношколците и ова лето ќе добијат бесплатен јавен превоз. ЈСП Скопје информираше дека сите кои ги исполнуваат условите, бесплатно ќе можат да се возат за време на летниот распуст. 

Основците, учебната година ќе ја завршат в среда на 14-ти јуни.