Македонија
27. March 2023 - 21:16

Средношколците и МОН постигнаа договор

Средношколците и министерот Шаќири си подадоа рака. Полагањето на државната матура ќе иде олеснето бидејќи оваа генерација образовниот процес го помина во пандемија, штрајкови и лажни дојави за бомби.

МОН прифати три од четирите барања на Сојузот на средношколци. Екстерните предмети ќе носат 20 наместо 24 бодови, а интерните 20, наместо 16 бодови. Проектната задача останува на истото ниво од 4 поени.

-Ова би значело дека поголема тежина би имале интерните испити за кои статистиката покажува дека учениците воглавно добиваат повисоки подобри оценки бидејќи се така организирани.

Предметот „Мајчин јазик“ добива поголема тежина и ќе носи повеќе бодови при уписот на факултет.

-Оценката добиена на тој испит ќе се помножи со повисок коефициент, односно со коефициент на соодветност. Четвртото барање кое се однесуваше на интерните предмети исто така беше прифатено. Наставниците ќе имаат обврска да ги споделат банките на прашања со своите ученици најдоцна четири недели пред испитот. Ако на испитот има 20 прашања, во банките би имало 60 прашања, појаснува Павилевиќ.

Единственото барање кое МОН не го прифати е да го премести полагањето на испитот по мајчин јазик од 27 мај на 3 јуни. Но како компромис, Министерството понудило намалување на обемноста на тестот.

Министерот е убеден дека одлуките се донесени во интерес на матурантите.

-За мене како министер, но и приоритет на Владата е организирање на државна матура која ќе биде според сите законски прописи, а воедно и да ги слушнеме барањата и потребите на матурантите знаејќи дека од државната матура за нив зависи запишувањето во високообразовни установи во државава и во други земји, истакнува Шаќири.

Додека матурантите се подготуваат за матура, наставата им помина без учебници бидејќи министерот Шаќири рече нема пари за да се испечатат сите учебници.