Балкан
11. November 2023 - 11:34

Средби на Вучиќ со Макрон и О'Брајан за дијалогот со Косово

Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, синоќа во Париз се сретна со претседателот на Република Франција, Емануел Макрон и со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан, јави дописникот на МИА од Белград.

-Важна и значајна средба со мојот пријател, францускиот претседател Емануел Макрон, со кого разговарав за билатералните односи, европскиот пат на Србија, продолжувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина, економските и другите важни регионални и глобални теми, напиша Вучиќ на Инстаграм профил на „будуќностсрбијеав“.

Тој изрази и надеж дека наскоро Макрон ќе го посети Белград.

-Нашите разговори со него се трезвени, знам дека нема да го смени ставот по тоа прашање (Косово), но знае што е тоа што ние нема да го промениме, па гледаме како да направиме некои работи кои се добри за зачувување на мирот и стабилноста и да не им наштетуваат на нашите витални интереси, а ѝ користат на Франција со тоа што нема да има нови жаришта, додаде Вучиќ.

Тој се сретна и со главниот американски претставник за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан.

-Корисен разговор со пратеникот @statedept Џејмс О’ Брајан за сите важни билатерални прашања, регионални односи и глобални настани. Разговаравме и за продолжување на дијалогот во Брисел, а Србија уште еднаш нагласи дека се бори за зачувување на животите на Србите на Косово и Метохија, дека се залага за зачувување на мирот и стабилноста, без да им наштети на националните интереси, напиша Вучиќ на Инстаграм профил на „будуќностсрбијеав“.