Македонија
17. September 2015 - 15:14

Средба на вицепремиерот Бесими со холандскиот амбасадор Вилем Вутер Пломп

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Фатмир Бесими денеска се сретна со новоименуваниот амбасадор на  Кралството Холандија во Република Македонија Вилем Вутер Пломп.

Како што соопшти СЕП, вицепремиерот Бесими на средбата со амбасадорот истакнал дека Холандија е традиционално еден од најголемите поддржувачи на нашите Евро-атлантски интегративни аспирации, со особена поддршка во градењето на потребните капацитети на нашата администрација, како и на економскиот просперитет на земјата.

Дискусијата се фокусирала на активностите кои се преземаат за спроведување на клучните реформи од европската агенда на земјата, со посебен фокус на областите на судство, борба против корупција и организиран криминал, слобода на изразување, изборна реформа, фундаментални права и меѓуетнички односи, како и во делот на економските критериуми. Во таа насока била истакната и важноста на исполнувањето на обврските од политичкиот договор.

Во поглед на актуелната мигрантска состојба, вицепремиерот Бесими ја потенцирал и потребата од активно вклучување на земјите од Западен Балкан во единствениот пристап на ЕУ кон мигрантската криза, бидејќи, како што рекол, и Македонија е транзитна рута на мигрантите во регионот.