Македонија
16. September 2015 - 14:33

Средба на министерот Јолевски со извршниот директор на ЕДА Хорхе Домек

Интензивирање на соработката со Европската унија на полето на одбраната ќе претставува бенефит и комплементарен чекор на заложбата на Република Македонија за унапредување на интероперативноста како со НАТО така и со ЕУ, посочил министерот за одбрана Зоран Јолевски на денешната средба со извршниот директор на Европската одбранбена агенција (ЕДА), Хорхе Домек.

Како што соопшти денеска Министерството за одбрана, Јолевски потенцирал дека Република Македонија ги споделува заедничките вредности на ЕУ. Како земја кандидат за членство активно придонесуваме во Заедничката безбедносна и одбранбена политика на ЕУ, истакнал министерот и додал дека трансформацијата на АРМ е во насока на професионална и ефективна Армија секогаш подготвена да одговори на преедизвиците, компатибилна со армиите на земјите членки на ЕУ.

Извршниот директор на ЕДА, Хорхе Домек, изразил задоволство од заложбата на Република Македонија да се приклучи на Агенцијата и воедно објаснил како земји кои не се членки на ЕУ може да соработуваат со ЕДА.

Мисијата на Европската одбранбена агенција е да им помогне на земјите членки да ги подобрат своите капацитети преку зајакната соработка. Унапредување на интероперабилноста со државите членки на ЕУ, технолошка модернизација на вооружените сили, сајбер безбедноста, унапредување на капацитетите на базенот на декларираните сили за придонес во меѓународни операции во насока на заштита на глобалниот мир и безбедност итн., се само дел од можностите кои би и се овозможиле на Република Македонија со пристапување во ЕДА.