Средба на Иванов со Пахор и Грабар-Китаровиќ
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов денеска оствари средба со претседателите на Словенија и Хрватска, Борут Пахор, и Колинда Грабар Китаровиќ, кои престојуваат во работна посета на Македонија.
На средбата тројцата претседатели размениле мислења за актуелните случувања во регионот и во Европа, за мигрантската криза, како и за македонските европски и евроатлански интеграции и предизвиците со кои се соочува земјата на внатрешен план.
Како што соопшти Кабинетот на претседателот, Иванов ги информирал за состојбата на македонско - грчката граница и за инцидентот од 10 април и истакнал дека македонските безбедносни сили постапиле брзо, професионално и соодветно на ситуацијата. Потенцирал дека Република Македонија и во иднина ќе ги почитува заклучоците на Европскиот совет за целосно затворање на Балканскиот коридор.
Претседателите Пахор и Китаровиќ го осудиле инцидентот и се согласиле дека мора да се спречат и да престанат обидите за илегална и насилна миграција. За таа цел, претседателот Иванов апелирал ЕУ да и помогне на Грција со цел да се затвори импровизираниот камп кај Идомени.
Македонскиот претседател се заблагодарил за поддршката од Словенија и Хрватска и истакнал дека Македонија и натаму има потреба од логистичка и техничка помош за справување со кризата.
На средбата се разменети мислења и околу зголемените безбедносни ризици од мигрантската криза, при што тројцата претседатели се согласиле дека е потребна засилена соработка меѓу земјите долж Балканскиот коридор на безбедносен план, како и размена на информации во борбата против насилниот екстремизам и радикализмот.
На средбата е разговарано и за политичката криза во земјава и потребата за нејзино што поскоро надминување. Претседателот Иванов ги информирал соговорниците за денешната одлука, мотивите за нејзиното донесување и целите кои верува дека ќе ги постигне.
Посетата на претседателите на Хрватска и Словенија е во согласност со еден од заклучоците од Брдо Бриони Процесот, според кој е потребна што пoбрза реализација на македонските интеграции во ЕУ и НАТО и надминување на внатрешните предизвици, кои во голема мера се генерираат и се предизвикани од предолгата статус - кво состојба во евроинтеграциите на Република Македонија.
На трилатералната средба, според Кабинетот на претседателот, биле поздравени одличните политички односи меѓу Македонија, Словенија и Хрватска и биле реафирмирани заложбите за продлабочување на соработката на билатерален и мултилатерален план.
Ново на Сител
-
Штети во Свети Николе и Неготино поради невреме, четири пожари на отворено, известува ЦУК
-
Израел планира да ја користи сателитската интернет услуга Старлинк во случај на конфликт со Хезболах
-
Министерот Муцунски ја продолжува посетата на Брисел со средби со претставници на ЕУ
-
Промоција на нов електронски дневник за работа на училиштата
-
ХРТ: Се е подготвено за воведување задолжителен воен рок
-
Американскиот суд го ослободи Асанж по спогодбата за признавање вина
-
Русија и Украина разменија по 90 затвореници
-
Претпладне сончево, попладне пороен дожд, грмежи и силен ветер