Средба Мисајловски - Бардуани: Продолжуваме со придонесот во КФОР кој ја зацврстува регионалната безбедност
Македонската Армија ќе го продолжи својот придонес во мисијата на НАТО на Косово, КФОР зашто на тој начин се зацврстува безбедноста и стабилноста во регионот. Тоа е исклучително значајно во овој период на нестабилност и нарушена глобална безбедност, рекол министерот за одбрана Владо Мисајловски на денешната средба со командантот на КФОР, генерал-мајор Енрико Бардуани.
Мисајловски, како што информираат од Министерството за одбрана, изразил задоволство што сите македонски контингенти кои биле дел од КФОР имаат одлична соработка со командата, како и со припадниците на останатите земји чии припадници се дел од оваа мисија.
-Заеднички даваме придонес во одржувањето на безбедноста на Косово, но и секојдневно учиме едни за други, ја развиваме интероперабилноста и покажуваме дека сојузниците сакаат Балканот да остане мирен, стабилен и безбеден, додал министерот.
Мисајловски се осврнал и на македонскиот придонес во колективната одбрана на НАТО – учеството во мултинационалните сили на Алијансата во Романија, Бугарија и Латвија, како и придонесот кон ЕУ операцијата АЛТЕА во БиХ и мисијата на Обединетите Нации во Либан, УНИФИЛ.
Генералот Бардуани на средбата се заблагодарил за придонесот на нашата држава во рамките на мисијата КФОР, што, рекол, е во функција на мирот и стабилноста во регионот.
Мисијата на НАТО на Косово, КФОР, датира од 1999 година во согласност со резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН. Во моментов во оваа мисија во која партиципираат 29 нации, учествуваат и 70 припадници на македонската Армија. Дополнително, со отворањето на Координативниот центар за поддршка од земја-домаќин во 2005 година, нашата држава обезбедува и постојана логистичка поддршка на оваа НАТО-мисија.
Ново на Сител
-
Поднесено обвинение против 13 луѓе за трагедијата во Нови Сад
-
Рајндерс останува во Милан до 2029 година
-
Тројца странци загинаа во пожар во хотел во популарна туристичка област во Бангкок
-
Владата на Јужна Кореја нареди безбедносна проверка на сите авиони Боинг 737-800
-
Кривична за 13 лица за криумчарење луксузни возила, меѓу нив и вработени во МВР
-
Најстудено со -8 степени во Берово, 4 во Гевгелија
-
Најмалку 70 луѓе загинаа во Етиопија откако преполн автобус падна во река
-
Почина поранешниот американски претседател Џими Картер