Средба Димитров-Рикер во Вашингтон: Ве очекуваме во НАТО, реформите се императив

Шефот на дипломатијата Никола Димитров, на првиот ден од посетата на Вашингтон, оствари средби со помошник државниот секретар Филип Рикер, како и со конгресменот Брендан Бојл, на кои беше изразено задоволство од придружувањето на Северна Македонија во Алијансата.
Како што соопшти МНР, соговорниците на Димитров покажале особен интерес за темпото и длабочината на реформскиот процес, како предуслов за општество засновано на вистинскидемократски вредности.
– Со нетрпение ве очекуваме во НАТО. Реформите, особено во однос на Специјалното јавно обвинителство се императив и неопходно е да се зачува независноста на СЈО во рамките на Јавното обвинителство и неговиот капацитет, во интерес на правдата и одговорноста за корупција, му порача помошник-државниот секретар на САД Рикер, на министерот Димитров.
Рикер, осврнувајќи се на состојбата на балканскиот простор потенцирал оти е неопходно државите најпрво внатрешно да се преобразат и да изградат капацитет за систем заснован на правда и вредности.

На иста линија, како што додава МНР, беше и дискусијата со конгресменот Бојл, кој го посочи Договорот од Преспа како соодветен пример за надминување на конфликтни ситуации, не само во нашиот регион туку и пошироко.
Димитров искажа благодарност за покажаната поддршка од страна на Конгресот, и очекување дека САД, како наш докажан партнер, без застој ќе го ратификува Протоколот за полноправно членство во НАТО.

Министерството, во соопштението додава дека на линија со традиционално добрите односи со нашиот сосед Албанија, Димитров и шефот на албанската дипломатија Гент Цакај, кој исто така е во Вашингтон ја потпишаа Спогодбата за основање Културно-информативни центри во Северна Македонија и во Албанија.
Честитајќи му на својот колега десетгодишнина членство во Алијансата, министерот Димитров уште еднаш потенцираше дека регионот може да биде просперитетен само ако сите негови држави се успешни приказни.

Шефот на дипломатијата на првиот ден од посетата на Вашингтон, даде интервју за NATO SHAPE, во кое се осврна на прашањето како изгледа Северноатлантската алијанса од перспектива на Република Северна Македонија – триесеттата НАТО членка. Тој беше интервјуиран и за специјализираниот Магазин „Надворешна политика“ (Foreign Policy).
Денеска министерот Димитров ќе присуствува на обраќањето на Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Со почеток во 13 часот (по локално време), министерот Димитров, заедно со грчкиот колега, ќе учествува на сесија на NATO ENGAGES, посветена на „Наследството и улогата на НАТО политиката на отворени врати“, по што следуваат заедничко интервју со МНР Катругалос, како и интервју за „Гласот на Америка“.
По приемот за одбележување на 70-годишнината од формирањето на Алијансата, министерот Димитров ќе оствари средба со државниот секретар на САД, Мајк Помпео. Во текот на денот планирани се и повеќе билатерални средби.
Ново на Сител
-

Турција, Пакистан и Саудиска Арабија формираат воено-политички механизми во рамките на новиот одбранбен пакт
-

13 лица повикани на информативен разговор поради ширење на лажни информации за водата во Скопје
-

Евакуации по морски пат од плажата во Сивири поради големиот пожар | ВИДЕО
-

Предметот против против Груби и уште седуммина за „Државна лотарија“ почнува на 24 август
-

Пожар на првиот крак на Халкидики – пораки од бројот 112 за евакуација на Сивири и Фурка
-

Нов топлотен бран во Европа: Над 340 милиони луѓе под влијание на температури над 30 степени
-

Вложуваме во заедницата кога е најпотребно: Flex Credit донираше 10 тони вода за вработените, клиентите и жителите на Гостивар
-

ЦУК: Девет активни пожари на отворен простор до 13 часот, два се под контрола, а два изгаснати
