Кошарка
2. September 2015 - 14:55

Србиновски: Без одбрана нема победа

Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација Марјан Србиновски на прес-конференцијата пред патувањето во Загреб на Европското првенство очекува натпреварот со Холандија од 2.коло да биде решавачи за пласманот на неговите избраници.
 
- Очекувам на секој натпревар да го дадеме максимумот. Секоја победа за оваа репрезентација е успех на ова Европско првенство, а евентуални две победи и пласман во втората фаза би бил феноменален резултат. Шансата ја гледам во дуелот со Холандија што за мене е клучен меч на првенството. Прво треба да го добиеме тој натпревар, а потоа да ни се отворат картите и да видиме зависно од другите резултати со уште една победа да се пласираме во осминафиналето, изјави Србиновски.
 
За одлуката кои 12 да патуваат во Загреб, Србиновски рече дека тоа била тешка задача, но смета дека се одбрани тие што во моментов најмногу можат да одговорат на барањата.
 
Македонскиот селектор вели дека неговите избраници треба да дадат 120% од своите можности и да се борат до крај за секоја топка.
 
- Без одбрана нема победа. Ако сакаме успех мора да играме на граница на фаул, па дури и на фаул па да се прилагодиме на критериумот на судење. Секако дека како ќе играме зависи и од противникот и колку тој ќе ви дозволи.
 
Според Србиновски здравствениот билтен во репрезентацијата е добар, очекува сите да му бидат на располагање на почетокот на шампионатот, но напомена дека доцното доаѓање на Хендрикс и неговата нецелосна физичка подготвеност, како и ситните повреди на неколку играчи му создале мали проблеми во подготвителниот период, но очекува до сабота се да биде во ред.
 
Македонските кошаркари натпреварите на Евробаскетот ги почнуваат в сабота во 18 часот против Грција.
 
Македонија утре со авион заминува за Загреб каде ќе се играат натпреварите од Ц групата.