Loading Video...
Балкан
24. December 2020 - 12:42

Србија почнува вакцинација против Ковид-19

Србија е првата земја во регионот која веќе ја почна вакцинацијата против КОВИД 19. Со нешто помалку од 5.000 вакцини на производителот Фајзер, официјален Белград прво ќе ги имунизира лицата кои се згрижени во старечките домови.
Од останатите наши соседи, Бугарија и Грција вакцините ќе почнат да ги аплицираат на 27 декември заедно со целата Европска Унија. Шефот на бугарскиот здравствен инспекторат Ангел Кунчев за бугарските медиуми изјавил дека во првата пратка ќе добијат доволно дози за да ги аплицираат на 5.000 луѓе. Планот е со нив да се вакцинираат здравствени работници кои работат во ковид центрите во поголемите градови.  Бугарија најави дека дел од вакцините ќе и донира на Македонија но на колку од овие 5.000 најавени дози земјава може да се надева се уште не се знае

Грција пак веќе го стави во функција веб сајтот на кој грчките граѓани ќе можат да проверат кога и каде ќе можат да ја примат вакцината. Во првата пратка на располагање им се 9.000 дози кои ќе се аплицираат на 5 пункта во болници во Атина и Солун. Први вакцината ќе ја примат здравствените работници а потоа лицата постари од 65 години. Грција очекува до крајот на март идната година да добие 1,2 милиони дози од вакцината на Фајзер што ќе биде доволно да покрие само 6% од своето население. И Грција е земја од која Македонија очекува помош во вакцини но и тука не се знае кога и колку вакцини ќе добиеме.

Соседна Албанија е во речи си идентична состојба како и Македонија со таа разлика што официјалниот став на албанските власти е дека вакцинацијата ќе почне во наредните 6 месеци што е малку попесимистичко очекување од она на македонските кои очекуваат имунизацијата во земјава да почне во првите месеци од идната година.
Албанскиот премиер Рама лично беше во Њујорк за да договори диреткна набавка на вакцини од Фајзер но до овој момент нема информации дали неговото патување дало некакви резултати.

Косово е единствената земја во регионот кој е во полоша состојба од Македонија. За нашиот северен сосед, светската здравствена организација констатирала дека нема услови за да ја чува и аплицира вакцината на Фајзер поради што експертски тимови веќе се во приштина каде работат на обука и опремување на постојните здравствени капацитети.

Во земјите од поранешна Југославија Хрватска и Словенија почнуваат со вакцинирање заедно со целата Европска Унија на крајот од оваа недела. Хрватска има договрени 5,6 милиони дози но во првата пратка ќе добијат само 9.200. Околу 5.000 дози во првата пратка се очекуваат и во Словенија која ќе ги аплицира ставјаќи приоритет на здравствениот персонал и возрасните граѓани.

Босна и Херцеговина и Црна Гора не се во многу различна ситуација од Македонија. И тие како и земјава се потпираат на ковакс механизмот од кој вакцини очекуваат во првите три месеци од идната година.

Во поширокото опкружување најмногу вакцини ќе има Турција. Анкара нарачала 50 милиони дози но од кинеската вакцина коронавак а во првата пратка пред крајот на годинава ќе добие дури 3 милиони дози.