Србија им забрани влез на македонците кои се враќаат од Италија, расте бројот на болни ширум светот
Македонски државјани кои работат во северна Италија се оневозможени да си дојдат дома, откако Србија ги затвори границите за влез на странци кои доаѓаат од жариштата на коронавирусот. Од српско-хрватската граница денеска се вратени 20-ина автомобили со околу 50 патници, меѓу кои се и повеќе работници од Македонија.
Србија во изминатите 24 часа бележи рапиден пораст со 7 новозаразени лица, по што владата се реши на подрастични мерки во сообраќајот.
Вонредни мерки се на сила и во најзагрозената земја во Европа – Италија. Вечерната прошетка низ Бари на градоначалникот Антонио Декаро се претвори во емотивно видео, во кое тој тагува за градот кој го познава пред епидемијата на вирусот.
“Сиве овие години, се жртвувавме многу за да внесеме живот во градот, да донесеме многу туристи...Но сигурен сум дека ќе успееме. Ќе успееме, мора да имаме доверба дека ќе обновиме се што правевме во изминативе години. Сега ни останува да ги почитуваме препораките, бидејќи колку повеќе ги почитуваме, толку побргу ќе ја надминеме оваа ситуација”
Ништо помалку драматично не е ниту во Германија, по изјавата на канцеларката дека со вирусот може да се заразат и до 70% од населението во земјата.
“Треба да сфатиме дека Корона дојде во Европа”, вели Меркел.
„Населението сè уште не е имуно на овој вирус. Нема вакцина и експертите ни кажуваат дека можеме да очекуваме 60 до 70 проценти од населението да се зарази со овој вирус. Затоа е важно да се избегне оптоварувањето на нашиот здравствен систем, за да го забавиме ширењето на вирусот”
Според германските медиуми, кога канцеларката ја соопштила очекуваната бројка на заразаени, во просторијата завладеала тишина.
Првиот случај на инфициран со корона го забележа и Турција, земјата која долго време му оддолеваше на вирусот, а првата жртва ја регистрираше и Албанија.
Најзагрижувачката бројка дојде од Иран, каде што се евидентирани 63 смртни случаи од Ковид 19 во изминатото деноноќие.
Позитивна надеж за заболените денеска дојде од италијански онколог од Наполи, кој тврди дека лек за артритис значително ја подобрува состојбата на критично заболените. Италијанските медиуми го пренесоа ставот на докторот, кој тврди дека двајца пациенти кои биле третирани со лекот покажале значително подобрување за само 24 часа.
-
Горан Симоновски
Сите содржини од овој новинар