Балкан
31. October 2022 - 13:22

Србија чека конкретна акција на САД и ЕУ во пресрет на пререгистрација на возилата на Косово

Директорот на владината Канцеларија за Косово и Метохија на Р.Србија, Петар Петковиќ, пред истекот на рокот на косовските власти за пререгистрација на регистарските таблички изјави дека оваа одлука на Приштина е незаконска и насилна и да меѓународната заедница мора да реагира, а министерот без ресор Ѓорѓе Милиќевиќ кажа дека Приштина „навикнала да диктира и условува“, но дека Западот е многу јасен кога станува збор за пререгистрацијата и дека се бара поместување на датумот и враќање на преговарачка маса, јави дописникот на МИА од Белград.

-Ги видовме соопштувањата и од Вашингтон и од Брисел, но треба да видиме и конкретни акции и конкретни дела, изјави Петковиќ за РТС.

Тој потсети дека одлуката на Албин Курти за пререгистрација имплицира дека Србите кои имаат КМ таблички сега треба да ги пререгистрираат своите возила со РКС таблички, што, посочува, е апсолутно спротивно на сите договори од 2011 година и 2016 година.

Петковиќ истакна дека Србите на Косово, пред се на северот, не сакаат други таблички.

-Курти сака до 21 април следната година целосно да ги укине КМ табличките и да почне да ги конфискува возилата, односно приватниот имот на оние кои нема да пререгистрираат како што замислил самиот тој, рече Петковиќ.

Тој порача дека изрекувањето на првата казна ќе биде причина за реакција на Српската листа и српскиот народ.

-Од една страна, и ЕУ и САД зборуваат за тоа како одлуката донесена од Курти е легална и во согласност со договорот, но всушност она што не е во ред е само краткиот рок што остана. Се разбира, Западот го прави тоа за свои интереси, рече Петковиќ.

Министерот без ресор во српската влада, Ѓорѓе Милиќевиќ, за ТВ Прва изјави дека „Приштина е навикната да диктира и да поставува услови, а ако тоа не се исполни, тогаш наговестуваат ескалација на сукоби и се закануваат со насилство“.

Тој нагласи дека е „целосно убеден“ да Приштина во пресрет на 3 ноември повторно ќе се обиде да создаде „наводна ескалација на конфликтот“, а на прашањето за последиците што може да следат, Милиќевиќ одговори дека тоа е прашање за Западот, „кој им дозволува да се однесуваат така“.

-Веќе не можете вербално да осудувате, мора конечно да санкционирате, мора да го казните таквото однесување, рече Милиќевиќ.

Тој додаде дека Западот е „многу јасен“ кога станува збор за пререгистрацијата.

-Да се помести датумот, да се вратиме на преговарачка маса и да разговараме како што разговаравме за документите, рече Милиќевиќ, оценувајќи дека „Курти сега не му е во интерес да разговара“.