Спортски викенд „Илинден 2019“

Во рамки на одбележувањето на 2 Август – Денот на Републиката и патрониот празник на Општина Илинден, денеска и утре ќе се одржи спортски викенд „Илинден 2019“. На оваа традиционална спортска манифестација што се реализира по 11-ти пат се очекува да учествуваат над 700 спортисти кои ќе се натпреваруваат во повеќе спортови: велосипедизам, шах, атлетика – трчање, тенис, баскет и голем фудбал.
Како што информира Општина Илинден, централен настан ќе биде традиционалната професионална велосипедска трка во должина од 100 километри „Трофеј Илинден 2019“, што е влезена во календарот на велосипедски трки на Велосипедската федерација на Македонија и се бодува за купот на нашата земја. И оваа година „Трофеј Илинден 2019“ ќе има интернационален карактер бидејќи се очекува да учествуваат над 70-на велосипедисти од неколку држави, кои ќе се натпреваруваат во повеќе категории: сениори, мастерс, кадети, јуниори, жени, У15 и У13.
Стартот на трката е закажан за денеска во 16:00 часот пред спортската сала „Гоце Делчев“, каде ќе биде и целта. Патеката е кружна, ќе се возат четири круга низ населените места на Општина Илинден: Илинден, Марино, Ајватовци, Мршевци, Дељадровци, Текија, Миладиновци и Кадино, при што должината на еден круг е 25 километри.
Како вовед во професионалната трка ќе се одржи велосипедска трка за рекреативци во должина од пет километри, на која можат да учествуваат сите заинтересирани граѓани, независно од нивната возраст.
Натпреварите во атлетика – трчање на кои ќе настапат над 200 ученици и младинци во трките на 50, 150, 300, 600, 800 и 1500 метри, ќе се одржат на пешачко-велосипедската патека Марино-Кадино.
На турнирот во шах што ќе се одржи во Домот на култура „Илинден“, а се реализира во соработка со Шаховската федерација на Македонија, ќе учествуваат 40 шахисти.
На тенискиот турнир ќе настапат 16 тенисери, додека на натпреварите во баскет во Спортскиот центар „Марино“ ќе учествуваат 10 екипи.
Во рамки на Спортскиот викенд „Илинден 2019“ на фудбалското игралиште во Марино ќе се одигра фудбалски натпревар меѓу екипите на новиот второлигаш „Кадино“ и „Пелистер“ од Битола.
Покровителот на оваа традиционална манифестација, градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски, на најдобрите екипи и поединци ќе им додели соодветни награди, маици, пехари и медали.
Ново на Сител
-

Безбеден град: Започна примената на системот и за странските возила на ГП Табановце
-

Вучиќ: Наскоро српската армија ќе има 40 борбени авиони
-

МВР: Граѓаните да не отвораат лажни пораки, наводно испратени од „Безбеден град“
-

ЦУК: До 18 часот осум активни пожари и три под контрола
-

Десетици пожари беснеат во Србија, едно лице загина, ветерот го отежнува гаснењето
-

Во Скопје на 20 и 21 август авионска, а од 23 до 26 август терестична дезинсекција против комарци
-

Ангелов: Сѐ уште активен пожарот кај прилепското село Чаниште, не загрозува некое село
-

Клековски: Формирана комисија за надзор над случајот со родилката во Штип, ќе се вклучат двајца странски стручњаци
