Македонија
29. October 2019 - 16:58

Специјалниот претставник на САД, Метју Палмер во посета на Македонија

Специјалниот пратеник на Стејт Департментот за регионов, Метју Палмер во Скопје ја потврди американската поддршка за Македонија и нејзините европски и атланстки интеграции.

По средбата со министерот за надворешни работи Димитров, тој рече дека доаѓа во најповолно време, по ратификацијата на протоколот за НАТО во американскиот Сенат.

--Доаѓам веднаш по ратификацијата на протоколот за НАТО членство од американскиот Сенат. Ова е најповолно време да се биде тука, исто така, по неодамнешната посета на американскиот државен секретар Мајк Помпео. Доаѓам со цел уште еднаш да ја потврдам и зајакнам силната американска поддршка за Северна Македонија и за нејзиниот европски пат и перспектива, порача Палмер.

Според Димитров, Македонија треба да најде сили за да излезе како победник, а не како жртва откако не доби датум за почнување на преговорите со Европската унија.

-Треба да бидеме упорни и да го тргнеме и последното оправдување, а тоа е Законот за јавното обвинителство. Да излеземе уште поподготвени и поупорни. Не може Европа да биде стабилна и цврста ако регионот е ранлив, а наша задача е да најдеме сили тоа да го направиме, да најдеме сили да бидеме победници, а не жртви, рече Димитров.

Палмер се сретна и со министерката Шекеринска и претседателот Пендаровски, на кои им испрати слични пораки.