Македонија
20. April 2021 - 12:26

Специјален музејски водич за деца во струмичкиот музеј

Струмичкиот завод и музеј издаде специјализиран музејски водич за деца, прв од таков вид. Водичот е насловен „Патување низ времето“ и треба да и помогне на најмладата популација уште од најрана возраст да се запознае со основните поими од областа на музеологијата. Според Јасмина Пијанманова, автор на проектот, целта била преку оваа публикација на децата кои се и најчести посетители на музејот да им се доближи  културното наследство преку јазик соодветен и разбилив за нивната возраст.

„Иако оваа година, година на Ковид за жал нашите посетители кои што се најбројни, а тоа се децата,  го пропуштија посетувањето на поставката сепак го издадовме овој музејски водич за деца кој што ќе им послужи како еден вид на едукативен материјал и ќе се запознаат со културното наследство на Струмица“, вели Јасмина Пијанманова - автор на водичот.

Освен основните поими важни за музејската дејност,  првото издание на водичот содржи и дел од материјалите кои најмладите посетители може да ги сретнат во постојаната поставка на струмичкиот музеј.

„Водичот се состои од основни поими што е тоа музеј, што е тоа кустос, што е археологија, што е етнологија, значи објаснување за основните поими со кои се среќава секое дете и во едукативната настава и кога доаѓа во музејот. Се објаснува појавувањето на првите населби во Струмица, начинот на погребување, легендата како се добива името Струмица, повеќе градски знаменитости се објаснети во самиот водич“, вели Пијанманова.

За подготовката на водичот биле потребни околу шест месеци Покрај теоретскиот дел,  водичот содржи и оригинални илустрации позади кои се потпишува илустраторот Надица Златкова Митевска. Проектот е реализиран во рамки на годишната програма на струмичкиот завод и музеј.