СПЦ нуди стари услови за нов договор
Српската православна црква повторно во игра го враќа пропаднатиот Нишки Договор како основа за идните разговори со МПЦ. Неофицијалните информации од Соборот на СПЦ, велат дека идејата за одлуката за возобновување на разговорите е МПЦ најпрво да се договори со ПОА, а потоа да побара од српската црква дозвола за признавање на автокефалноста.
Тоа би значело дека МПЦ најпрво треба да се договори со расчинетиот владика Вранишковски, а дури потота да продолжат преговорите со комисијата на СПЦ.
Според познавачите на односите меѓу двете цркви, ова е нов обид на СПЦ да се претстави како кооперативен партнер, а за нерешеното македонското црковно прашање да ја обвини МПЦ.
Официјално, МПЦ се уште нема добиено никакво барање од СПЦ за возобновување на дијалогот меѓу двете цркви. Доколку дојде било какво писмено известување на оваа тема, Синодот на МПЦ ќе треба да одлучува дали ќе биде прифатено.
СПЦ ваква одлука донесе и во 2015 година, кога формираше дури и комисија за преговори, но истите никогаш не започнаа.
Новиот обид од српска страна е резултат на минатонеделната одлука на Вселенската патриаршија да почне да го разгледува барањето на МПЦ за решавање на нејзиниот статус. Минатата година МПЦ побара апелациона постапка пред Вселенската патриаршија, за признавање на македонската афтокефалност.
Откако на Божиќ го потпиша томосот за Автокефалност на Украинската православна црква, решавањето на статусот на МПЦ би бил втор голем чекор кој што би го презел патријархот Вартоломеј.