Македонија
20. December 2018 - 13:58

Спасовски најави зајакнување на борбата против корупцијата и нови случаи следната година

За потребите од забрзување на реформскиот процес и справување со предизвиците поврзани со владеење на правото, корупцијата и организираниот криминал, со фокус на корупцијата на високо ниво, како и за перспективите и подготовките за претстојното претседавање на Финска со Советот на ЕУ во втората половина на следната година, дискутираа денеска учесниците на конференцијата „Разговараме и делуваме на патот кон ЕУ“ во организација на „Прогрес Институтот за социјална демократија“ и фондацијата „Калеви Сорса“ од Финска.

Новата Влада е отворена за реформските процеси, ја вклучува јавноста и невладиниот сектор во креирање политики за добро владеење, но сепак таа треба повеќе да се фокусира на спроведувањето, а не само на носењето стратегии и закони, беше една од забелешките на учесниците.

Александар Кржаловски од МЦМС истакна дека во извештаите на ЕК, никогаш не биле проблематични законите и донесените стратегии, проблематично било нивното спроведување.

Како пример ја посочи корупцијата, нагласувајќи дека е недозволиво во земјата да нема функционална антикорупциска комисија, ниту пак уште да се носи законот, кој како што рече повеќе или помалку е подготвен од февруари.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски посочи дека колку и да звучи како клише Владата морала да носи стратегии за различни сфери, затоа што немало оставено такви насоки за дејствување од претходната, која, како што рече била насочено единствено кон стратегијата за одлевање на парите на граѓаните надвор од државата.

Истакна дека во делот на борбата против корупција во функција е Националниот комитет за борба против корупцијата, како консолидиран систем меѓу институциите, преку кој може да има брза размена на информации и во рана фаза да се детектираат одредени постапки.

-Имаме веќе седум случаи во кои е покрената одговорност, а наредниот период ќе има уште многу други случаи. Ќе има интересни моменти за јавноста, за невладиниот сектор и за сите нас, кои ќе покажеме дека имаме јасна недвосмилена борба против корупцијата, посочи Спасовски.

Најмалку можности за работа, додаде тој има  во делот на финансиските истраги, бидејќи немало развиен систем за дејствување и тоа не било случај само во Македонија, туку и пошироко во регионот. Најмалку покриен е и сегментот за борба против кибер криминалот. И тука, рече, Спасовски, потребно е вложување повеќе напори.

-Не постои посветена борба против организираниот криминал ако од криминалците не се одземе неосновано стекнатиот имот. Во таа насока пред нас поставивме цел за јакнење на националните капацитети за спроведување финансиски истраги со истрагите за организиран криминал. Ќе формираме посебни специјализирани единици за водење финансиски истраги во МВР, царинската управа, финансиска полиција и во истражните центри на основните јавни обвинителства, додаде Спасовски.

Истакна дека се работи и на ефикасен систем за конфискација на  имот.

-Во Македонија во изминатите 27 години имаме само три случаи на конфискување на имот, што доволно говори дека таа нашата борба против организираниот криминал не е соодветна, затоа што стекнатиот имот се остава на криминалците, кои понатаму можат да го шират во низа постапки и мрежи на криминално организирање, рече министерот.

Додаде дека од почетокот на 2019 година ќе профункционира надворешниот механизам за контрола на полицијата или полицискиот омбудсман, веќе е воспоставен такво одделение во Обвинителството за организиран криминал, а од 1 јуни ќе биде целосно ефикасна и реформата на безбедносните служби. Ќе следува издвојување на УБК од МВР, односно формирање нов самостоен орган на државна управа заради обезбедување внатрешна безбедност на државата и вршење контраразузнавачки активности. Предвидени се и активности за обезбедување координација меѓу безбедносно разузнавачките служби.

Го спомена отворањето на ОТА минатиот месец, како посредник во процесот на прислушување, како и примената на пакетот закони за реформа на ситемот за следење на комуникациите.

-Стратешка определба на РМ била е и ќе биде интеграција во евроатлантските структури. Желбата да станеме дел од големото евроатлантското семејство постепено се трансформира во реалност и од се бара да покажеме подготвеност и конечно да го отпочнеме процесот преку исполнување на стандардите во клучните сфери…Ова е клучната година кога треба да покажеме дека сме вистински подготвени да испорачаме резултати, додаде Спасовски.

Сашо Додовски, претседател на Институтот „Прогрес“ рече дека оваа Влада не само што се залага туку и дејствува во правец на овие процеси и ирази уверување дека Македонија до крајот на следната година, односно за време на претседавањето на Финска со ЕУ ќе стане 30. членка на НАТО, а ќе биде и една од првите земји, кои следни ќе се приклучат во ЕУ.

Каиса Емилија Пени, директорка на фондацијата „Калеви Сорса“ од Финска нагласи дека нејзината земја како иден претседавач на Унијата, ќе има голема придобивка од десетгодишното присуство на фондацијата во Македонија, преку кое директно се запознале со приликите во земјава.

-Ова е многу важно време за Македонија, но и голем предизвик за ЕУ. Во моментот многу од нас се концетрираат на разговорите за Брегзит, имаме европски избори следната пролет и ЕК почна амбициозна работа за иднината на ЕУ, а во рамки на неа диксутираме и за членството и проширувањето следните децении, рече таа.

Напомена дека владеењети на правото е предизвик и за самата ЕУ.

-Тоа може да го видиме од работите, кои се случуваат во Унгарија, Полска и Италија, ниту старите членки не се надвор од влијанието на сите политички движења, кои сакаат да ја дестабилизираат демократијата. Во однос на прашањето за проширување за повеќето земји-членки е поважно да бидат сигурни дека новите земји-членки се на стабилна основа пред влезот во Унијата и дека можат да бидат еднакви партнери од самиот почеток на членството за да се осигури дека европските вредности ќе се одржат и во иднина, нагласи Пени.