Македонија
18. March 2022 - 16:40

Спасовски: Двојазични полициски униформи само во општините каде албанскиот е службен јазик

Амблемите на специјалните единици Тигри и ЕБР нема да бидат на албански јазик.

Три дена откако Владата ја усвои уредбата за двојазнични уноформи на полицијата, министерот Спасовски појаснува дека се работи за усогласување со законот за употреба на јазиците и дека ќе се менуваат амблемите, а не целите униформи на полицијата само во општини каде албанскиот е официјален јазик, а не на ниво на цела држава. Уредбата треба да се спроведе во рок од 1 година, а колку пари ќе ја чини државата ќе се знае откако ќе заврши постапката.

Уредбата предизвика и различни политички реакции. Додека ДУИ го поздрави усвојувањето на уредбата и го оцени како зголемување на рамноправноста, Левица најави дека двојазичните униформи ќе ги оспори пред Уставниот суд, а ВМРО-ДПМНЕ обвини дека власта прави се за да ја дефокусира јавноста од својата неспособност.

Законот за употреба на јазиците е контроверзен уште пред неговото носење. Првичниот текст кој предвидуваше и двојазични банкноти, хартии од вредност и униформи на целата полиција и армија претрпе измени по реакциите во јавноста.

Законското решение доби сериозни забелешки и од Венецијанската комисија која оцени дека тој оди премногу далеку, наметнува нерални обврски за институциите и е целосно неспроведлив во судските постапки.

Преку 13 иницијативи законот е оспорен и пред Уставниот суд, но и една година откако судиите одржаа подготвителна седница, се уште нема оценка дали ова законско решенеие е спротивно на амандманот 5 од Уставот, кој предвидува дека само  македонскиот јазик и неговото писмо е официјален на целата територија.