Македонија
1. March 2016 - 15:47

Спасов: Решението кое го објави Ременски не е правосилно

Решението од Управниот суд кое денеска го објави министерката за труд и социјална политика Фросина Ташевска Ременски со кое се отфрла тужбата на заменик министерот Диме Спасов не е конечно и правосилно, бидејќи не е завршена судската постапка со оглед на тоа на него има право на жалба до Вишиот Управен суд и против него ќе биде поднесена жалба до овој Суд, реагира Спасов на денешната прес-конференција на Ташевска Ременски.

Судските постапки, додава Спасов, завршуваат откако ќе се искористат сите правни лекови и дури тогаш одлуките на судот стануваат правосилни. 

- Сакам да ја информирам јавноста дека и насловот од соопштението за прес-конференцијата на техничката министерка Фросина Ременски е неточен и манипулативен и води до заблуда односно лажно се информира и наведува јавноста дека судот ги отфрли тужбите и времените мерки од дополнителниот заменик министер Диме Спасов како беспредметни, при што ова не е вистина односно не се работи за повеќе тужби туку само за една тужба е отфрлена и ова решение на Управниот суд воопшто не е правосилно односно судската постапка не е завршена и ќе биде поднесена жалба до Вишиот Управен суд, вели Спасов во пишаната реакција.

Според него, Ташевска Ременски со денешната прес-конференција покажала страв и паника од последиците со кои се соочува од своето, како што наведува, незаконско работење, и лажен триумфализам и затскривање зад нецелосни информации,  поради нејзиното несовесно и незаконско работење и грубото партизирање на институциите.

Спасов од Ташевска Ременски уште еднаш побара да и одговори на јавноста зошто не ги спроведува 14-те судски решенија кои, како што посочува, се правосилни, но и одговор за, според него, грубата партизација на институциите под Министерството за труд и социјална политика која се врши изминатите четири месеци.

- Во интерес на правилно информирање на јавноста ве известуваме дека против техничката министерка Фросина Ремески, заради незаконско работење и кршење на административните процедури, постапување и превземање на дејствија спротивно на закон, поднесени се вкупно 24 тужби до Управниот суд Скопје, за кои до денес судот донесе 14 правосилни Решенија за времена мерка за 14 директори кои незаконски се разрешени од страна на техничката министерка. Исто така Управниот суд донесе уште 5 решенија за времена мерка кои сеуште не се правосилни бидејќи Ременски има право на жалба. И покрај тоа што решенијата за времени мерки се веќе правосилни судски одлуки, техничката министерка Фросина Ременски не ги извршува овие судски одлуки при што постапува спротивно на Закон и свесно врши повеќе кривични дела, се вели во писмената реакција од Спасов.

Поради ова, додава тој во реакцијата, поднесена и е кривична пријава за кривично дело Неизвршување на судска одлука од член 377 од Кривичниот законик на Република Македонија при што, како што вели, дури 14 правосилни судски решенија донесени од Управниот суд не ги спроведува.

Информира дека против Ременски поднесена е и кривична пријава за незаконско работење и злоупотреба на службена должност каде назначува директор кој не ги исполнува условите согласно Статутот на институциите.