Македонија
1. February 2017 - 9:40

Спасески: Вложувањето во младите е сигурна инвестиција во иднината

Директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Марјан Спасески изминатите два дена учествуваше на Глобален младински форум во седиштето на Организацијата на ОН во Њујорк, чија цел е подигање на свесноста за неопходноста од инвестирање во младински политики, како и имплементација на Одржливите развојни цели на ОН.

Како што информираат од АМС Спасески имал обраќање на министерскиот панел на тема „Обезбедување на неопходни средства и финансии за поддршка на младинскиот развој, каде се осврнал на успешниот процес за креирање на Националната Стартегија за млади (2016-2025), како и активностите кои ги презема АМС за имплементација на целите и приоритетите во истата.
 
-Националната Стратегија за млади е резултат на едногодишен процес воден од страна на АМС, а финансиски поддржан од UNDP-мисијата во Македонија, во кој директно учествуваа преку 250 претставници од околу 75 невладини и младински организации и други релевантни институции, кои работеа заедно и ги дефинираа целите и младинските потреби за следниот десетгодишен период, информираше Спасески и потенцираше дека буџетот на АМС за поддршка на младинските активности за 2017 година е седум пати поголем во однос на претходната 2016 година.
 
Тој се осврнал и на процесот на воспоставување на Регионалната канцеларија за младинска сорботка (РИКО), чија основна цел е да ги поврзе и помири младите луѓе од Регионот.
 
На Форумот, Спасески остварил билатерални средби со неколку свои колеги, а ја посетил и постојаната мисија на Република Македонија во Организацијата на Обединетите Нации.