Спа-хотелот „Шагал“ пет години ја чека геотермалната вода за да проработи
На половина пат меѓу Кочани и Виница, на локалитетот Превалец, покрај магистралата А3 што води кон границата со Бугарија, е сместен спа-хотелот „Шагал“. Објектот лесно се забележува од далеку, не само поради рекламната табла и патоказот, туку и поради големината со која доминира на врвот од возвишението. Десетина метри по свртувањето од главниот пат, в очи паѓа големиот паркинг што зјае празен, како и летната тераса на која крај десетината уредно поставени маси нема ниту еден посетител. И во двете огромни сали со капацитет од близу илјада гости нема жив човек.
Сопственикот на хотелот, Петре Ангелов вели дека веќе со години сликата е ваква, иако тој постојано вложува, доградува и го одржува објектот. И веднаш дообјаснува дека рекламната табла на која пишува оти ова е термален спа-центар не ја отсликува реалната состојба, бидејќи во него термална вода воопшто нема. Всушност, водата е на дофат и ја има во изобилство од геотермалните извори кај блиското село Истибања, ама цевката по која таа стигнувала до спа-центарот со години е пресушена. Поради тоа и домашните, но и посетителите од Бугарија престанале да доаѓаат.
- Пред околу пет години, кога штипска фирма, која е сопственик на поранешниот ЗИК „Брегалница“ од Виница ја доби концесијата за користење на геотермалната вода за загревање на оранжериите, секна дотурот до мојот хотел. Наместо да поведе сметка да не се запостават веќе изградените базени и спа-центарот и да дозволи неколку литри вода во секунда да доаѓаат до нив, поранешната власт му дозволи на концесионерот да прави што сака. Тогаш повеќепати реагирав во надлежните министерства, испраќав писмени барања, укажував дека не е во ред инвестицијата вредна милиони евра да се уништува, но сè беше попусто, вели Ангелов.
Додава дека е жално што топлата вода се испушта во Брегалница, бидејќи за загревање на оранжериите е потребна само неколку месеци, а во спа-центарот би се користела преку целата година.
Геотермалните извори кај Истибања се со капацитет од околу 90 литри во секунда, а толкава количина не можат да потрошат ниту поголеми оранжериски комплекси од овие што сега ги има во Виница. Според него она што останува неискористено, наместо да се даде за спа-центарот, истекува во реката. - Се губи и топлинска енергија и важен ресурс за здравствено-рекреативни цели, а да не зборувам за нарушениот еколошки баланс во речното корито поради специфичниот хемиски состав на геотермалната вода, вели сопственикот на хотелот „Шагал“, Петре Ангелов.
Во внатрешноста на хотелот има фитнес центар, сауни, два комплетно опремени базени, од кои едниот со олимписки димензии, а во фаза на изградба е големо џакузи за десетина лица. И покрај неизвесноста дали воопшто ќе добие геотермална вода, Ангелов истакнува дека не губи надеж и продолжува со инвестирањето. Очекува од новата власт на локално и на државно ниво да го смени досегашниот игнорантски однос и конечно овој дел од државата да го добие првиот вистински бањски центар.
- Не знам во чиј интерес е да не се искористува лековитоста на водата, кога веќе постојат инфаструктурни услови за тоа. Базените би можеле да ги користат и учениците за часовите по физичко воспитување во текот на зимскиот период, но неопходно е да се донесе термалната вода од чија топлина ќе се климатизираат просториите. До сега за тоа немаше слух, а водата неповратно се губи. Што е уште потрагично, концесионерот ни не поседува мерни инструменти за потрошените количини вода, туку концесискиот надомест го плаќа паушално. Реално, од концесијата за овој природен ресурс општина Виница треба да заработува околу 400 илјади евра на годишно ниво, а колку што ми е познато сумата што сега се слева во општинскиот буџет е одвај 20 илјади евра. Губи општината, губат граѓаните, а загуба имам и јас поради неискористеноста на инвестицијата. Моите сомнежи се дека овде има криминал и корупција, па поднесов и пријава до надлежните, ама некој при очи се прави слеп, додава Ангелов.
Според информацијата од Министерството за економија до која успеал да дојде, концесионерот плаќал по околу шест илјади евра годишно за користење на просторот и 13 илјади евра за искористување на водата, од кои една четвртина оди во државниот, а остатокот во општинскиот буџет.
Од Општина Виница потврдија дека се информирани за ситуацијата и веќе реагирале до државните институции.
- До Владата и до Министерството за економија испративме писмени барања да се преиспита доделената концесија за геотермалната вода од изворите кај Истибања, како и да се утврди фактичката состојба на терен, дали воопшто има мерни инструменти. Очекуваме инспекциските служби да направат анализа и ако се покаже дека се плаќа помал надомест од она што реално се користи, тогаш да се раскине концесискиот договор. Не сакаме да дозволиме неосновано богатење на поединци за сметка на природните богатства со кои располага општината и кои треба да бидат еден од условите за нејзин просперитет во иднина, вели градоначалникот на Виница, Ивица Димитров.
При посетата на изворите кај селото Истибања се забележува дека од една од цевките истекува вода што потоа завршува во Брегалница. Карактеристичниот мирис и темноцрвената боја на ‘рѓа навестуваат дека се работи за вода богата со минерали, а при допир со рака не може да се издржи подолго од секунда-две поради топлината, што ја потврдува претходната претпоставка.
Локалните жители рекоа дека од овде често полнат вода за пиење, а понекогаш носат дома и за капење, пред сè на болни и изнемоштени. Бањски капацитет немаат, а кога би го имало и селото би живнало, но скоро рамнодушно ги спуштаат рамената со констатација дека состојбата е таква од дамнина, и не знаат дали ќе се подобри.
Кочанската Котлина која, освен по оризот, е позната и по геотермалната вода, го чека својот прв бањски комплекс. За пионерскиот потфат на Петре Ангелов на овој план, и по пет години, сè уште не дошол вистинскиот момент. Тој оптимистички се надева оти нема да го одмине.
Тони Ајтовски/МИА
Ново на Сител
-
Истрага за криминал во Лотарија
-
Расчистени повеќе убиства вршени во подземјето
-
Никој не открива кои објекти биле мета на терористичката ќелија поврзана со ИСИС
-
Мицкоски вели акциите се со поддршка од САД
-
ЗНАМ ја промовираше платформата за национално обединување, бара поддршка од сите партии
-
Мицкоски: Ниту еден данок нема да се зголеми
-
В сабота цело Скопје ќе остане без вода, ќе се затвора главната цевка за да се санираат дефекти
-
Акција на МВР: Разбиени картели во Арачиново и Чаир