Македонија
6. July 2015 - 13:19

Советување за унапредување на квалитетот на судските одлуки во граѓански постапки

Размена на компаративните искуства на Француското и македонското правосудство во поглед на начинот на изготвување и правно аргументирање на судските одлуки е тема на советувањето кое денеска и утре ќе се одржи во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.

Советувањето се организира во рамки на Меморандумот за соработка на Академијата со Амбасадата на Република Франција во Македонија и Државната правосудна академија на Франција, а е наменето за судии, советници и стручни соработници од граѓанските оддели од сите апелациони подрачја.

Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска истакна дека советувањето е дел од интензивните обуки за практично пишување на пресудите, и е во согласност и со препораките на Извештајот на ЕК и на Рајнхард Прибе за унапредување на квалитетот на обуките во Академијата. Целта е посочува оспособување на судиите практично и квалитетно да ги пишуваат пресудите на јасен разбирлив и достапен начин, се во интерес на граѓаните на РМ.

- Ги преземаме сите активности судиите практично да ги пишуваат пресудите, за да се намали бројот на укинати и на преиначени пресуди и да се зголеми квалитетот на правдата, а во интерес на граѓаните на РМ. Исто така, во Ивештајот на Прибе е укажано дека кандидатите на почетна обука и веќе избраните судии треба да одат на престој во некој од Меѓународните судови. Токму со овој проект со Француската амбасада и со Државната правосудна академија на Франција го испративме првиот наш судија, завршен академец на двомесечен престој во Европскиот суд за човекопви права, рече Арнаудовска.

Француската амбасадорка Лоранс Оер истакна дека ова советување е прво од проектот за континуирана едукација на судиите од вкупно три предвидени за годинава.

- Македонските граѓани навистина заслужуваат да има квалитетна правда, која ќе биде соодветно ефикасна и транспарента. За да се постигне тоа не е неопходно само да се има квалитетни судии туку и практиката во судското одлучување треба да биде квалитетна. Токму поради тие причини денес со нас се две судијки од Франција кои ќе имаат размена на искуства во однос на тоа како се пишува една судска одлука, како таа одлука да биде и транспарентна и правична во исто време, но исто така и судска одлука која ќе биде мотивирана, добро составена и која ќе биде разбирлива и сето тоа ќе биде проследено низ судската практика на судскиот правосуден систем, рече Оер. 

За француското искуство во граѓанските постапки ќе зборуваат судиката Вероник Кадоре со долгогодишно искуство во првостепените судови во граѓански постапки во Париз и Ањес Делетаг која исто така работела во Основниот суд во Париз, но и во Апелациониот суд од Версај кој што има огромно искуство со граѓанските постапки.

- Навистина може да го споделиме искуството кое важи за двете земји, односно дека и во Франција како и во Македонија судиите треба да располагаат со строгост, но исто така и со квалитет при пишувањето на судската одлука која треба да биде напишана на разбирлив јазик, која треба да биде јасна и која судската странка треба да ја разбере, но и да сфати дека судијата го сослушал, добро го разбрал иако тоа не мора да значи дека одлуката е донесена во негова полза. Меѓутоа најважно е да биде секоја судска странка добро сослушана и разбрана и одлуката која ќе ја донесе судијата да биде разбрана од двете странки, вели Делетанг. 

Дводневното советување на учесниците е со фокус на споделување на компаративните искуства во однос на изготвувањето на граѓанска пресуда со акцент на диспозитивот и образложението на пресудата.