Свет
12. April 2017 - 8:43

Советот за безбедност на ОН денеска ќе гласа за резолуција за Сирија

Вашингтон нема намера значително да го проширува своето учество во сирискиот конфликт, изјави американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за телевизијата „Фокс бизнис“, пренесе ТАСС.

Зборувајќи за американскиот ракетен напад во Сирија, Трамп изјави дека САД требало да прифатат вакви дејствија уште за време на администрацијата на Барак Обама.

- Тоа што го направив требаше да биде преземено уште за време на администрацијата на Обама и тогаш ситуацијата во Сирија ќе беше подобра, рече тој.

Трамп изјави дека во Сирија било употребено хемиско оружје. Тој потсети дека Сирија претходно се согласила да не употребува такво оружје, но го прекршила ветувањето.

Американскиот претседател уште додаде дека ситуацијата во Сирија ќе биде подобра доколку Русија не го поддржуваше претседателот Башар ал-Асад, пренесе ТАСС.

Зборувајќи за Асад, Трамп го нарече животно и многу лош човек.

Целосното интервју на Трамп за „Фокс бизнис“ ќе биде емитувано подоцна денеска.

Истовремено, во интервју за телевизијата „Мир“ рускиот претседател Владимир Путин изјави дека нападот на САД во Сирија е прекршување на меѓународното право и бил извршен без докази дека Дамаск употребил хемиско оружје, пренесе ТАСС.

- Каде се доказите за употребеното хемиско оружје? Ги нема. А има прекршување на меѓународното право. Тоа е очигледен факт. Без одобрение од Советот за безбедност на ОН се изведе напад врз суверена држава. И покрај ова јавно прекршување на меѓународното право сите се согласни, го прифаќаат и почнуваат да климаат, го поддржуваат, рече рускиот претседател во интервјуто.

Целосната снимка од интервјуто на Путин ќе биде емитувана вечерва.

Советот за безбедност на ОН денеска ќе гласа за предлог резолуција со која сирискиот режим се повикува на соработка во истрагата на хемискиот напад од 4 април во провинцијата Идлиб, пренесоа француските медиуми, повикувајќи се на американски дипломати.

Меѓутоа, се очекува Русија да стави вето на резолуцијата. Тоа ќе биде осми пат, како Москва го користи овој прерогатив за да блокира активности на ОН против Сирија.