Македонија
30. May 2020 - 8:25

Советот за безбедност денеска ќе одлучува за вонредната состојба

Советот за безбедност денеска напладне во претседателската вила Водно ќе одлучува за евентуалното продолжување на вонредната состојба.

Денеска е последниот ден кога истекува третата – двонеделната вонредна состојба што ја прогласи претседателот Стево Пендаровски на 15 мај.

На седницата, покрај постојаните членови на Советот, на покана на претседателот Стево Пендаровски ќе присуствува министерот за здравство, Венко Филипче, соопшти Кабинетот на шефот на државата.

По завршувањето на седницата, претседателот Стево Пендаровски ќе даде изјава за јавноста, која ќе биде пренесувана на јавниот сервис, Фејсбук и Јутјуб каналот на претседателот.

Премиерот Спасовски во четвртокот изјави дека се прават проценки дали ќе биде побарана нова вонредна состојба, но нагласува дека по нејзиното завршување, според Уставот и законите, треба да продолжат изборните дејствија кои беа прекинати поради пандемијата, и во рок од 22 дена да се одржата парламентарните избори.

Претседателот Педаровски, почнувајќи од 18 март досега донесе три одлуки за прогласување вонредна сотојба. Првите две во времетраење од по 30 дена, а последната од 14 дена.

Одлуките на шефот на државата за прогласување вонредна состојба останаа непотврдени од Собранието, поради тоа што тоа беше распуштено.

Ако парламентарниот состав не беше распуштен, наместо претседателот Пендаровски, Собранието ќе требаше да ги донесе одлуките за прогласување вонредна состојба, како што е предвидено со Уставот.

Првите две одлуки за вонредна состојба беа оспорени пред Уставниот суд, но тој реши дека нема основа за поведување постапка за оценување на нивната уставноста и законитост.