Македонија
29. May 2024 - 16:39

Советот на јавни обвинители законски не може да го разреши Иџет Мемети

Советот на јавни обвинители со врзани раце- не можат да го разрешат Иџет Мемети се дури нема правосилна судска одлука. Иако е второосомничен за примање поткуп со врховниот судија Наке Георгиев, законот за јавни обвинители не дозволува член на Советот да биде разрешен, се до завршување на постапката која се води против него.

Столчето на Мемети денеска на седницата остана празно, а ја известил претседателката дека има мислење да се повлече од позицијата заменик претседател на Советот на Јавни Обвинители. 

Мемети за Сител вели дека не дошол на седницата бидејќи не можел да стигне. Потврди дека размислува да се повлече како заменик претседател, но не и како член на Советот.

Членовите на Советот денеска дебатираа за нивниот колега Мемети. Дел од нив сметаат дека за жал законот им ги врзал рацете за да постапат за Мемети, член за кој се води судска постапка, дека ќе ја почитуваат презумцијата на невиност, но дека не треба да останат неми за случајот. 

Со самиот факт дека е отворена кривична постапка против член и е извршен претрес во просториите на Советот, што досега не се случило, се задира во интегритетот и на институцијата но и на нас како членови. Ќе ја почитуваме презумцијата на невиност и од тие причини не смееме како Совет да зборуваме за кривичната постапка, меѓутоа поради сериозноста на настанот ние како Совет сме ставени на најголем тест од постоењето, кажа Кети Петкова, член на Советот. 

Дел од другите членови ја поздравија одлуката Мемети да се повлече од потпретседателското место на Советот и кажаа дека тоа е најмалку што може да направи. 

Членот Антонио Јолевски му препорача на Мемети да не учествува во работата на Советот.

“Оставаме на совеста, на моралот на членот на советот дали би учествувал. Би препорачал, особено кај избори и разрешување, да не учествува бидејќи токму во тие ситуации ќе се доведе во прашање кредибилитетот, дека во тие избори учествувал член на Советот за кој се води постапка во надлежното обвинителство”

Согласно Законот за Совет на јавни обвинители, одлуката за разрешување на член на Советот ја донесува Советот со најмалку шест гласови, при што за разрешувањето мора да гласале најмалку три члена избрани од јавните обвинители и три члена избрани од Собранието.

На Мемети судот му одреди мерки на претпазливост, му го одзема пасошот и не смее да ја напушти државата. Тој е второосомничен дека заедно со судијата Наке Георгиев примиле мито од 10.000 евра за да издејствуваат олеснителни околности во случајот за шверц на марихуана, каде сега е веќе осуден поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев.