Македонија
5. February 2018 - 16:30

Состојба со поплавите во демирхисарско

Црна река и утрово се излеа на неколку места во демирхисарско. Нејзиниот водостој во тој дел од Пелагонија се уште е за неколку десетина сантиметри над нормалата, што предизвика нови поплави на обработливи земјоделски површини на потегот од с. Доленци до с. Бучин.

Од Центарот за управување со кризи велат дека во меѓувреме санирани се сите патни правци кои беа под вода по обилните врнежи од дожд, заради што отсечени останаа неколку населени места. 

Расчистени се и трите свлечишта – кај селата Вирово, Базерник и Мало Илино, по што патиштата и кон овие населени места денеска се проодни. Од Општина Демир Хисар велат дека екипи на комуналното претпријатие денес ги санираат последиците и вршат заштита на речното корито на реката Црна од нови излевања, а екипи што го одржуваат уличното осветлување ќе извршат санација и повторно вклучување во електроенергетскиот систем на неколку демирхисарски села.

Во новачкиот дел од Пелагонија кој пред три години беше погоден од големи поплави, состојбата засега е под контрола. Водостојот на Црна река постојано се следи иако е далеку од критичната точка, вели градоначалникот на Новаци, Љубе Кузмановски.

Од УХМР предупредуваат дека врнежите и топењето на снегот од планинските предели предизвикаа покачувања на водостоите на целата територија на земјава. Оттаму препорачуваат внимателно движење покрај реките и суводолиците, особено во сливовите на реките Вардар, Треска, Црна и Пчиња.