Македонија
16. November 2017 - 11:19

Состанок на Поткомитетот за правда и внатрешни работи во рамки на ССА меѓу ЕУ и Македонија

Реформите во правосудниот систем, состојбата со човековите права, борбата против корупцијата, внатрешните работи и управувањето со границите, азилот и миграцијата, беа темите за кои разговараа претставници на Македонија и Европската комисија на 12. состанок на Поткомитетот за правда и внатрешни работи во рамки на процесот за Стабилизација и асоцијација, што се одржа вчера и завчера во Скопје. 

Темите беа разгледани во насока со усогласување со легислативите на ЕУ во рамки на поглавјата 23 и 24, како и имплементацијата на Спогодбата за стабилизација и асоцијација во тие сфери.

Со 12. состанок претседаваа раководителката на Секторот за преговори со ЕУ при Министерството за надворешни работи, Светлана Влаховиќ Димановска и заменик-раководителот за единство во Генералниот директорат за добрососедна политика и проширување на ЕК, Мери тереза Моран. 

Во текот на дискусијата акцент беше ставен на реформски приоритети и препораки на експертската група за владеењето на правото, како и мерките содржани во Планот 3-6-9.  Прогресот во имплементацијата на овие мерки содржани во тие документи ќе претставува основа во натамошните разговори со ЕК, се наведува во соопштението на Делегацијата на ЕК.

Беше разговарано за последователно усвојување на закони и стратешки документи во сферата на реформите на правосудството и ЕК понуди помош во таа сфера.

ЕУ ја потенцираше потребата реформите да бидат соодветно испланирани, базирани на анализи и проценки, со консултации кои ќе бидат транспарентни и инклузивни, но ја потенцира и потребаат од обезбедување финансии, со кои тие целосно ќе имплементираат. 

Учесниците на состанокот ја потенцираа потребата од реформирање на главните тела во правосудниот систем, Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, со цел тие да се оспособат да ги исполнат своите улоги за обезбедување независно судство, преку заштита на судиите и обвинителите од политичко влијание. 

Стана збор и за обезбедување правна одговорност за кривичните дела, кои произлегуваат од прислушуваните разговори.

Учесниците на состанокот се осврнаа и на улогата на независните и регулаторните тела и потребата да се обезбедат финансии, со цел тиоа непречено да ги извршуваат своите задачи. Беше потврден напредокот во слободата на медиумите. ЕК ги охрабри властите да продолжат со инклузивни консултации за тековните реформи и да промовираат поволна клима за слободата на изразувањето.

ЕК ги претстави и неодамнешните случувања во ЕУ аквис, особено за процедуралните права и заштитата на податоците. Беше презентирана тековна работа за усогласување на антидискриминациското законодавство со аквис. Беше разговарано за потребата од итни мерки за справување со сериозната ситуација во затворите, како и преземени мерки за развивање на систем на условна казна.

Се разговараше за напредокот во изработка на извештај за корупција поврзана со високи функционери, како и за мерките за конфиксување на нелегално стекнати средства.

ЕК исто така, ја нагласи потребата за реформирање на разузнавачките служби и следење на комуникациите, согласно препораките. 

Во однос на миграцијата и управувањето со границите, беа поздравени напорите на Македонија за справување со миграциската криза, при што ЕК побара вложување поголеми напори за регистрација на илегалните имигранти.

Делегацијата на ЕУ започна кампања на социјални медиуми за промовирање на континуираната помош на ЕУ за овие сектори.