Македонија
25. January 2024 - 17:11

Сопственикот четири, возачот 14 години затвор за несреќата кај Ласкарци

Во преполна судница со роднини на починатите и блиски на обвинетите, судиската петорка одлучи, виновни се за автобуската несреќа кај Ласкарци. Криеле дека автобусот е неипсравен, а имал и уред да ја прикрива брзината на движење.

Според судот, одговорноста за несреќата со 16 загинати е заедничка, ама за нивната вина добија различни казни. Газдата на Дурмо Турс ја доби најниската од четири години, а најстрога казна судот изрече за возачот. Маноил Трифуновски доби 14 години затвор. Пониски казни од по пет години заработија вработените во станицата на технички преглед кој се грижел за исправноста на возилото, а една година повеќе доби раководителот на превозната компанија.

Роднините на обвинетите во солзи ја дочекаа пресудата. Блиските на оштетените пак се незадоволни од висината на казните. Очекувале судот да ги казни со долгогодишен затвор.

Преиспитување на казните најави обивнителството. Биле клучни да спречат идни трагедии

Сите обвинети, правосилноста на пресудата ќе ја чекаат на слобода. Во текот на судењето дел понудија кауција, други имаат мерки на претпазливост. Откако ја слушнаа пресудата и ја напуштија судската зграда, дел од нив се обидоа вербално да го нападнат обвинителот, но и роднини на починатите. Инцидент спречија адвокатите.

Пресудата доаѓа на речиси петгодишнината од несреќата во која на 13 февруари 2019-та загинаа 16мина, а 38 лица беа повредени. Автобусот на Дурмо Турс излеата од автопатот кај Ласкарци и по скок од пет и пол метри висина заврши во нива покрај локалниот пат.