Македонија
7. January 2017 - 8:36

Сообраќајот во зимски услови со забрани и ограничувања на повеќе патни правци

Сообраќајот на државните патишта се одвива отежнато, во зимски услови, по влажни коловози и со остатоци од снег по коловозите, по интервенција на екипите на Македонија Пат. Забрани и ограничувања има на повеќе патни правци.

Забрана за движење од седум утрово е воведена на патниот правец село Крупиште-Пробиштип. За сите видови возила поради наноси на снег на коловозот во прекин е сообраќајот на патниот правец Куманово-Свети Николе.

Делницата Велес - Штип  и Кочани, кај Лозово, Сарамзалино и Крупиште, ако нема исклучителна потреба, се препорачува да не се користи поради силен ветер и наноси од снег. Според информациите од Македонија пат ветерот го носи снегот  на коловоз и целосно ја намалува видливоста. Екипи на Македонија пат се на терен и работат со градежна механизација за расчистување од снегот.

Сообраќајот на патниот правец Куманово – Крива Паланка кај Младо Нагоричане се одвива отежнато поради наноси од снег на коловозот, додека на  патниот правец Штип – Кочани, сообраќајот за сите возила се одвива наизменично по една коловозна лента.

Забрани за сообраќај за тешки товарни возила има на планинските превои Стража, Маврово, Ѓавато, патен правец Крива Паланка- граничен премин Деве Баир и патниот правец Велес-Катланово.

АМСМ препорачува исклучително внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Во клисурите и засеците можна е почеста  појава на одрони, особено на патните правци: Кочани -Македонска Каменица - Делчево, Виница - Берово, Гостивар - Стража, Маврово – Дебар - Струга, Д. Капија - Удово, Катланово - Велес, Крушево - Демир Хисар и Ресен - Буково.      

Задолжително е поседување зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемена, додека на граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата.