Македонија
14. April 2022 - 19:57

СОНК обвинува за притисоци, МОН ги повика да се вратат на работа

Во 2/3 од градинките им се врши мобинг на негувателките кои штрајкуваат, обвинува претседателот на СОНК. Неделков најави и кривични пријави, но вели дека проблем е што вработени се плашат јавно да кажат што преживуваат. Поради тоа не сакаше да открие во кои објекти им се вршел мобинг на штрајкувачите. Вработени во МТСП испраќале дописи до вработените дека имаат законски обврски да работат и примаат деца, но на дописите немало ниту потпис, ниту печат.

Министерката Тренчевска остро демантира. Во изјава за Сител рече дека дописи се испраќале за штрајкувачите да бидат информирани на што се нафатиле, бидејќи СОНК не ги известил дека штрајк ќе значи и намалување на платите согласно Колективниот договор и Законот за работни односи. Тренчевска вели, дијалогот мора да продолжи на маса, а не преку обвинувања на прес-конференции. Побара штрајкот да се прекине бидејќи Владата имала волја да ги зголеми платите на воспитувачките и негувателките.

Наместо конкретна понуда за зголемување на платите, како што очекуваа просветните работници, министерот Шаќири испрати апел и писмо за стопирање на штрајкот и враќање на учениците во школските клупи. Вели, покачување на платите ќе има, но не сакаше да одговори колкаво би било тоа.

Неделков вели дека писмото експресно ќе биде доставено до регионалните организации на СОНК, па членството само ќе одлучи дали ќе го прекине штрајкот или не.